Во Тирана денеска ќе се одржи шестиот Самит на Европската политичка заедница на тема „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.
Главна тема на Самитот, чии кодомаќини се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и албанскиот премиер Еди Рама, ќе биде безбедноста и заедничката визија за иднината на Европа.
Во тие рамки се очекува лидерите да разговараат за безбедноста на Европа, вклучително и поддршката за Украина, европската одбрана, заштитата на демократијата, како и подготвеноста и способноста за одговор на разни закани.
Покрај ова, на собирот ќе се одржат и три тркалезни маси на високо ниво со осврт на безбедноста и демократската отпорност на Европа, вклучително и на руската агресија на Украина, потоа на зголемување на европската конкурентност и безбедност преку иновации и отпорност, како и на предизвиците во мобилноста и јакнење на младите.
Во поканата до европските лидери за учество на Самитот, Кошта и Рама посочуваат дека Европа се соочува со историски момент, обележан со повеќеслојни и сложени предизвици.
„Додека продолжува агресивната војна на Русија против Украина, нејзините последици се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина, оптоварувајќи ја нашата безбедност и тестирајќи ја нашата колективна отпорност“, се наведува во поканата.
На Самитот на ЕПЦ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа. Така, покрај премиерите Мицкоски и Рама, на собирот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, како и генералните секретари на НАТО, Марк Руте, на Советот на Европа, Ален Барсе и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу.