Македонија не треба да ја загрижува 2030 година, како датум за идно проширување на ЕУ, туку што побрзо да ги исполни уставните измени. Ова е пораката која во интервју за МИА ја испрати полскиот амбасадор во земјава, Мариуш Бримора, чија земја во моментов претседава со Унијата. Според него датумот за Македонија е подоцнежен проблем, поголем проблем кој го има тука и сега е да го направи процесот да почне.
„Вистината е дека треба да го почнеме пристапниот процес, а за да почне пристапниот процес Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска и да го смени Уставот, обврска која ја презедовте во 2022 со потпишување на Договорот. Кога ќе го направите тое ние секогаш може да го планираме процесот и речиси веднаш да ги стартуваме преговорите“, изјави Бримора.
Бримора прито вели дека Полска сака со конкретни чекори да го придвижи напред процесот на проширување и кон Исток и кон Западниот Балкан, и прави се што е можно тоа да се случи, вклучително и разговори со Софија. Притоа тој информираше дека на крајот од февруари, заменик министерот за надворешни работи на Полска ја посетил Бугарија каде разговарал за проширувањето и конкретно и за патот на Македонија.
„Ние правиме се што можеме. Но, повторно, кога ме прашувате за следниот чекор мојот одговор мора да биде ист: Вие мора да ја исполните вашата обврска. Што и да кажеме, ќе дојдеме до истиот заклучок – се започнува со уставните барања. После тоа ние може да продолжиме со процесот“, изјави Бримора.
Полскиот амбасадор не знае дали може да биде постигнат нов договор со Софија, но смета дека секогаш постои простор за разговори. Сепак според него, моменталната официјална позиција гласи – исполнете ги вашите обврски од 2022.
Тој во интервјуто за МИА вели дека е битно политичарите во Македонија да покажат политичка волја за придвижување на процесот со исполнување на обврските, посветеност на завршување реформите, но и да обезбедат дека поддршката на македонското општество за тоа нема да се намалува. Бримора притоа потенцира дека во моментов постои отворена можност за проширување на ЕУ која мора земјата да ја искористи.
„Моментално, Комисијата, Брисел, Претседателството, сите се подготвени за проширување. Вратите се отворени. Ова е многу позитивен момент за земјите-кандидати. Проблемот е што ваквиот момент нема да трае вечно. Задача за владата на Северна Македонија е да го искористи моментот додека трае“, вели Бримора.
Бримора притоа потсети дека корупцијата е проблем број еден во земјата и дека властите имаат обврска е да се борат против неа, што дополнително со парите кои може да ги искористи од Унијата и исполнување на неопходните уставни измени ќе и ги отвори вратите за почеток на преговорите.
Тамара Грнчароска