Царините кои Вашингтон ги наметна врз целиот свет, а особено неверојатните 145 проценти за Кина ги погодија берзите и финансиските пазари кои речиси две недели не престануваат да се тетерават.
Но, тоа што сѐ уште не дозволува тие да се стабилизираат е стравот кај инвеститорите кои започнаа да се ослободуваат од американските државни обврзници, што ја зголеми нивната камата.
Експертите посочуваат дека тоа е необична ситуација затоа што при турбулентни периоди за глобалната економија инвеститорите вообичаено посегнуваат по сигурноста на американските државни обврзници, но сега ниту потенцијалот на значително поголеми добивки поради високите камати не е доволен да ги убеди токму таму да ги стават своите пари.
Оваа комбинација на камати кои растат и доларот кој опаѓа е многу необична. Вообичаено кога каматите во САД растат, тоа ги прави нашите инвестиции многу поинтересни за странските инвеститори. Инвестираат повеќе пари во САД, и за тоа мораат да купуваат долари а со тоа доларот расте. Затоа, кога гледате дека каматите на државните обврзници растат а доларот опаѓа, тоа значи дека инвеститорите се повлекуваат од американскиот пазар, оценува Гери Шлосберг од Wells Fargo Investment институтот.
Трамп и неговата администрација повеќе од 10 денови макотрпно ја убедуваат домашната, но и светската јавност дека неговиот обид да ја преуреди глобалната трговија дава резултати, иако извесен период ќе биде тешко. Американскиот претседател продолжува да инсистира дека нивните пазари и валута се најпосакуваните на светот.
Знаете што, ако некоја земја рече дека нема да тргува со долари, ви велам дека после еден телефонски повик ќе се вратат на доларот. Морате да го задржите доларот. Мислам дека откако луѓето ќе сфатат што правиме, доларот ќе почне да расте, убеден е трамп.
Но, американската опозиција исто како и светските пазари не е убедена.
Мислам дека неговите политики создаваат хаос, а искрено тоа е неговата најдобра одлика, многу добро создава хаос. Мислам дека неговите политики се неодговорни и безвредни. Јас не сум експерт за пазари, јас не сум економист, но сум потрошувач, политички консултант, менаџер на предизборни кампањи и знам дека пазарите, сопствениците на мали бизниси и гласачите не сакаат хаос. Тоа се одразува на пазарот, се одразува на довербата кај потрошувачите, се одразува врз нашата репутација ширум светот, смета поранешната советничка на Камала Харис, Меган Џоунс.
Експертите се загрижени дека инвеститорите ја губат довербата во САД како најбезбедно место за нивните средства, а тоа нема да биде добро за потрошувачите на кои им е потребен кредит, но и на претседателот Трамп, кој се надеваше дека со паузирањето на високите царини ќе успее да ги смири пазарите.
Игор Трајков