Вести Македонија

Ако не може да положат за TOEFL сертификат- избриши го од законот, како владата „најде“ решение за фалсификаторите кои се на државни јасли

Владата уште на седницата на 10-ти декември ги задолжила министерствата кога ги подготвуваат измените на законот да ги избришат условите за поседување на јазичен сертификат за вршење на функцијата и да понудат „помеко“ полиглотско решение и така да го прошири кругот на кандидати за вршење на директорски и управни функциии во државните институции. Ова се открива во записникот од 38-та владина седница кој е објавен на официјалниот веб сајт на владата по укажувањата и критиките за нетранспарентност на владините служби.

Одлуката е донесена додека во МВР има истражни активности за околу 500-тини јазични сертификати за сомнежи дека се фалсификувани и додека обвинителството се уште чека одговор од Бугарија во рамки на предистрага за директорот на АНБ Бојан Христовски и неговиот ТОЕФЛ сертификат издаден во училиште „Јулија“ во  Пловдив кое не постои на посочена адреса и ја избриша својата ФБ страница.

Предлогот односно укажување дошло од министерката за образование Весна Јаневска, а во објавата на владата не е посочено зошто наместо сертификати се предлага услов „сертификат и/ или уверение со кој се потврдува познавањето на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија – англиски, француски или германски на најмалку ниво Б2 (B2)“.

Повеќе предлог закони се поднесени во Собрание и во нив се бришат ТОЕФЛ и други сертификати за англиски јазик и во некои од нив, и покрај предложената од министерката за образование Јаневска формулација, е наведено само познавање на еден од трите јазици.

Промената на законите не ги прекинува истрагите за евентуално кривично дело „фалсификат“ бидејќи сомнителните сертификати се употребувани во правниот промет, најчесто за да се исполни услов за вршење функција и државна плата,  а веќе има и две судски пресуди. Директорки на градинка и на болница признале дека купиле лажни сертификати од бугарско училиште „Јулија“- за кое обвинителството се уште чека бугарска потврда дали постои или не.

Целосниот текст од записникот на владината седница во продолжение:

-Владата, по повод укажувањето на проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука, а во врска со поседување на меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик, ги задолжи сите министерства, кои имаат потреба од изменување и дополнување на законите од својата надлежност по било кој основ, да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават дополнувања на законите, и во делот каде се утврдени условите за избор/именување на директор, заменик – директор и на други јавни функции, на тој начин што по условот за поседување на меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик, поединечно дефиниран во посебните материјални закони, да се додадат зборовите „или сертификат и/ или уверение со кој се потврдува познавањето на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија – англиски, француски или германски на најмалку ниво Б2 (B2)“.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тренчевска: Јасна и очигледна е нетрпеливоста во „Вреди“, особено меѓу Меџити и Таравари

Дејан Дејан

Пашоли: Таравари ни рече дека „Вреди“ не вреди толку

Дејан Дејан

Стаменкоска Трајкоска: Прекрасна е иднината на парламентарното мнозинство, во секој момент има 75 и повеќе пратеници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе