Со ребалансот на буџетот се предвидува јавниот долг на државата годинава да достигне рекордни 9,2 милијарди евра, односно 68,2 проценти од бруто домашниот производ.
Ребалансот предвидува буџетската дупка годинава да се зголеми за нови 180 милиони евра. Наместо првично планираните 545 милиони евра, државата ќе потроши 725 милиони евра повеќе од што ќе прибере од даноци и други давачки.
Намалени се очекувањата за раст на економијата од 3,4 на 2,1 отсто.
„Од една страна ветуваа зголемени трошења, за пензии и не знам за што се друго, кули и палати, а од друга страна ветуваа намалување на даноци, ќе намалат данок на добивка на 5 отсто за големи фирми, данок на личен доход на 8 отсто и слично и тоа може да се реализира само со зголемување на јавниот долг, така што цената на тие нивни предизборни ветувања ја гледаме сега. Но сепак и покрај тоа, мислам дека ова зголемување што сега го најавија е прилично големо, дури и за сите тие нивни ветувања“, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Владата вели дека затекнале држава во хаос и долгови и оти со ребалансот ја поправаат состојбата. Опозицијата критикува дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во финансиски амбис.
Сања Лукаревска од СДСМ денеска обвинува дека за седум години владеење, од кои пет во ковид и економски кризи, СДСМ успеа да го намали буџетскиот дефицит на 3,6 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ за еден месец ги урива стабилните економски политики.
„Со буџетот се предвидува буџетски дефицит од неверојатни 4,9% и покачување на јавниот долгот на 68%. Само овие две бројки потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја води државата во погрешен правец. Уште со првиот ребаланс, ВМРО-ДПМНЕ го руши она што макотрпно го градевме во соработка со меѓународните финансиски институции, а тоа е стабилен и одржлив финансиски систем“, изјави Лукаревска.
За разлика од соопштението на СДСМ, Лукаревска избегнува да го употреби терминот амбис, туку вели „погрешен правец“.
Се чини дека висина на јавниот долг им е проблем на партиите само кога се во опозиција. Кога се носеше овој буџет, пред крајот на минатата години, токму ВМРО-ДПМНЕ критикуваше дека јавниот долг е превисок, а економскиот раст е премал. Со ребалансот, долгот се зголемува, а растот се намалува.
„Јавниот долг е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а економскиот раст ни е далеку под просекот наспроти земјите од регионот. Ова мора да се промени час поскоро, а тоа Ви ветуваме дека ќе се случи по изборите во мај, идната година“, изјави Стојановски на 7 декември 2023.
Јовановиќ вели дека тоа е така затоа што партиите го сфаќаат зголемувањето на јавниот долг како средство за лично богатење.
„Јавниот долг секогаш е средство за остварување на лични интереси и затоа кога сте на власт тоа никогаш не е проблем затоа што тоа покачување на јавниот долг всушност значи ваше лично богатење или тоа е цената што граѓаните ја плаќаат за вие да останете на власт и за вие да се богатите и затоа тој никогаш не е проблем кога сте на власт, туку секогаш е проблем кога сте во опозиција“, вели Јовановиќ.
Владејачката коалицијата Вреди, пак, денеска се пофали дека со ребалансот се предвидуваат 30 милиони евра за општините со мнозинско албанско население.
Срѓан Стојанчов