Вести Македонија Топ вести

Уставен суд до Судски совет за Кацарска – Не се мешајте каде што не ви е местото

Не се мешајте каде што не ви е местото, му порача Уставниот суд на Судскиот совет, откако Судскиот совет го известил Собранието дека пред две години ја испратил во пензија судијката на кривичниот суд Скопје, Добрила Кацарска по исполнувањето на условите за старосна пензија. Кацарска е уставна судијка чиј мандат е регулиран со Уставот, но од Судскиот совет сметале дека треба да го пратат известувањето до Собранието кое ги бира уставните судии.

Уставниот суд денеска одржал работен состанок на оваа тема и едногласно заклучил дека Уставот јасно и прецизно ја уредува постапката и надлежните органи за предлагање и избор на судиите на Уставниот суд, како и основите за престанок на функцијата.

„Единствен надлежен орган да одлучува за престанок на мандат на судија на Уставниот суд е самиот Уставен суд. Секое преземање на какво било дејствие од кој било државен орган, надвор од уставно утврдените основи во членот 111, претставува грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд. Судот потенцира дека во 60-годишното постоење не постои случај да престане функцијата на уставен судија по основ остварување на старосна пензија“, изјави портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева минатата недела потврди дека испратила известување до Собранието за Кацарска. Дамева тврди дека не барале разрешување на Кацарска, како што се објавува во медиумите, бидејќи тоа не е во нивна надлежност. Пративме до Собранието само официјално известување „за запознавање и евентуално натамошно постапување“ од страна на надлежниот орган, рече таа во телефонски разговор за Телма.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи. Прво, ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен во два случаи – ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција. Надлежен за утврдување на овие околности е самиот Уставен суд, а не Собранието до кое Дамева го испратила дописот за пензијата на Кацарска од пред две години.

Со Уставот не е предвидено старосно пензионирање на уставни судии поради што во историјата на Уставниот суд има повеќе судии чиј 9-годишен мандат бил длабоко во годините за пензија. Судијката Елена Гошева дури беше избрана на 64-годишна возраст (две години по возраста за пензионирање на жени), додека најстар уставен судија бил Јован Јосифовски чиј мандат завршил на речиси 74 наполнети години.

Меѓу уставните судии кои биле старосно за во пензија, но сè уште ја носеле уставно-судиската тога, се Вангелина Маркудова, Гзиме Старова, Вера Маркова…

Нема посебен закон за Уставниот суд, туку изборот на уставните судии и нивно разрешување се врши согласно Уставот.

Срѓан Стојанчов

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски најави дека до крајот на неделата ќе има јасна позиција кој ќе добие поддршка за нов гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

(видео)Мицковски најавува наскоро номинирање имиња за нови министри, Касами тврди засега нема преговори

Дејан Дејан

(видео)Касами: За промените на министри потребен е политички договор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе