Поголема активност за откривање на корупцијата без повлекување пред политички влијанија и во предмети за виски владини функционери, беа дел од ветувањата на првите пет кандидати за избор на нов претседател на ДКСК. Кандидатите ветуваа дека Антикорупциската мора да се отвори кон јавноста и да ја подобри соработката со други институции за полесно откривање на коруптивни активности во државата. Изборот е по оставката на Татјана Димитровска која е обвинета за оддавање на службена тајна на Комисијата и дека го мамела системот за да добие сертификат – Државна тајна.
Првите пет кандидати го пробија мразот со претставување пред комисијата за селекција за нов претседател на ДКСК, додека јавноста очекува еден од нив ќе успее да ги излечи раните на антикорупцијата во државата кои ги нанесе обвинетата екс претседателка Татјана Димитровска.
Распитот се одвиваше без директен пренос, иако изборот на Антикорупциската комисија е единствен процес во државата со ветинг и испрашување на кандидатите.
Сепак сите кандидати ветуваа и нотираа слични забелешки како скорешниот Извештај за напредокот на државата, односно ветуваа поголема активност во откривање на корупцијата, поголема транспарентност на Антикорупциската комисија и поефикасна соработка со институциите.
И тврдеа дека ќе им се спротивстават на сите политички обиди за влијание врз самостојноста на ДКСК.
Беше забележливо дека на директни прашања, кој случај на Антикорупциската комисија од мандатот на обвинетата Димитровска поинаку би го сработеле и како ја оценуваат двегодишната работа на овој состав, кандидатите избегнаа директни одговори и претставуваа свои замисли за успешна борба против корупцијата. Сите ветија дека нема да се откажуваат доколку имаат предмет со високи владини функционери. Останатите пет кандидати, своите половина час ќе ги искористат утре, а изборот се очекува до крајот на неделата.
Првпат се бира нов претседател на Антикорупциска бидејќи претходната, Татјана Димитровска поднесе оставка откако беше обвинета за оддавање на службени тајни и документи од предметот на ДКСК за случајот „Адитив“ и за мазутот на ТЕЦ Неготино, како и за тоа дека друг полагал тест во нејзино име за да добие можност да бара безбедносен сертификат Државна тајна. Судењето е во тек.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.
