Се продлабочува минусот во ЕСМ. Над 90 милиони евра е загубата на најголемиот производител со струја, заклучно со септември. За истиот период произвеле и околу 30 отсто помалку во однос на планираното. Ова е одговорот од ЕСМ на прашањата на Телма за состојбата во компанијата. Наместо 3.400, од сопствените капацитети електрани успеале да произведат 2.300 гигават часови.

За да се надомести потребната електрична енергија заклучно со третиот квартал потрошени се над 61 милион евра за набавка на 620 илјади мегавати.
Споредено со истиот период лани купената количина е приближно иста, но цената на струјата сега била повисока. Во исто време ЕСМ успеале и да продадат струја во вредност од 24 милиони евра.
Од електрани за Телма тврдат дека причината за набавките и минусот во касата е пролонгирањето на ремонтите на блоковите, но и затоа што се штедело хидрото. Следната година очекуваат состојбата да биде подобра.
Ремонтот на првиот блок наместо 60 траеше 120 дена. Поради тоа активностите на третиот почнаа подоцна, во октомври. Очекувањата се дека тој ќе биде ставен на мрежа на почетокот на јануари. Во ремонт е и Осломеј, кој со работа ќе почне идниот месец. Прогнозите се дека 2026 година ќе ја стартуваме со четири блока. Три во РЕК Битола и еден во централата Осломеј. ЕСМ ќе продолжи со ремонтни активности, а според анализите идната година очекувањата се дека компанијата ќе ја заврши со профит, велат од ЕСМ
За декември и ноември ЕСМ набавуваше струја уште во летниот период со образложение дека цените се пониски, отколку за време на грејна сезона. Според, пресметките на компанијата со ваквата одлука успеале минимално да заштедат.
Само за споредба минатата година за набавка на струја беа потрошени околу 100 милиони евра, а загубите на ЕСМ беа нешто над овој износ. За годинава иако надежите на менаџментот беа дека ќе се заврши со позитивна нула, сепак бројките ќе бидат нешто над ланските.
Но, дали и колку набавките ќе влијаат на новата цена за домаќинствата допрва ќе се види. За околу една недела Универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ треба да објави тендер на кој ЕСМ ќе понуди нова цена, по која би ја продавал својата струја за домаќинствата и малите потрошувачи. Сега изнесува 62 евра за мегават. До крајот на месецов пак РКЕ треба да донесе и нова цена за преносот и дистрибуцијата. Првичните пресметките од таму се дека во овој дел нема да има значителни поместувања.
Инаку, ЕСМ веќе подолго време се обидува да ја подобри својата ликвидност која одамна е нарушена.
Ирена Чачкова
Б.С.
