Селекторот на Велс, Крег Белами очекува тежок натпревар против Македонија утре во Кардиф во рамки на последното коло од квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Очекува нашиот тим да се брани и да го препушти поседот на топката за да се обиде да биде опасна во противнапад.
„Секако, би сакал да сме на првото место, но одам натпревар по натпревар. Ми се допаѓа што овој натпревар носи тежина, тоа е ново искуство за мене, бидејќи кога јас играв, во последните три-четири кола немавме за што да играме, па ова е навистина убаво“, рече Белами на денешната прес-конференција.
„Секогаш е голема предност кога играш дома, така е во секој спорт. Знаеме дека мора да победиме, но мора да бидеме и трпеливи. Македонија се брани длабоко, им одговара да немаат посед, но многу добро излегуваат во контранапад.
Сакаме навивачите да ги препознаат моментите кога ни се најпотребни. Во ова сме заедно, а и ние мора да им дадеме нешто за што ќе можат да се радуваат.
Да се заврши втор и да се има натпревар на домашен терен е огромна работа. Само од моето искуство, гледајќи ја Велс во последниве неколку години, јасно се гледа колкава предност е тоа“, додаде велшкиот селектор.
