Вести Нексус Свет

Нексус: „Популистот“ Зохран Мамдани им понуди на демотивираните Демократи нацрт како да се борат против Трамп

Неверојатниот политички подем на Зохран Мамдани, 34 – годишниот член на градското собрание во Њујорк, од релативен политички анонимус до градоначалник на Големото јаболко и покрај тоа што против себе го навлече гневот на Трамп, дел од лидерите на својата Демократска партија и пред се милијардерите и најбогатите луѓе во САД кои потрошија десетици милиони долари во кампањата да го оцрнат неговото име е најзначајниот резултат од изборите кои се одржаа во вторник, на 10-ти ноември.

Мамдани е најмладиот градоначалник на Њујорк во последните 100 години, прв муслиман и прв јужноазиец кој на први јануари наредната година ќе ја преземе функцијата откако на изборите освои најмногу гласови, убедливо повеќе од поранешниот Гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо.

 

Иако Куомо, некогашен миленик на раководството на демократската партија и човек за кој се веруваше дека ќе го наследи Бајден како лидер на Демократите, на внатрепартиските избори во Демократската партија изгуби токму од Мамдани, одби да се повлече и се натпреваруваше како независен кандидат, но и со поддршка на Трамп, Маск и голем број милијардери кои потрошија десетици милиони долари во обид да ја спречат победата на Мамдани.

Разбирливо, новиот градоначалник на Њујорк, не сака повеќе да се занимава со човекот кого веќе два пати убедливо го порази.

Пријатели мои, ние соборивме политичка династија. Му посакувам на Ендрју Куомо, сé најдобро во приватниот живот. Но вечерва нека биде последниот пат кога ќе го изговорам неговото име, затоа што завршуваме со политиката која не се грижи за мнозинството, тука само за неколку луѓе, им порача на своите поддржувачи Мамдани.

Победата на Мамдани му ја донесе широката коалиција која ја формираше, но пред сѐ беше фокусиран на семејствата од работничката класа, имигрантите, како и младите, либерални гласачи. Во Бронкс, Бруклин, Квинс, Менхетен и Стетен Ајланд – тие масовно излегоа на гласачките места и му ја донесоа победата.

Тој е роден во Уганда, но со индиско потекло. Неговиот татко е академик од Уганда а мајка му е позната индиско-американска режисерка, Мира Наир. Кога имал седум години тие се селат во Њујорк.

Во кампањата, Мамдани беше изложен на исклучително навредливи расистички напади заради неговата муслиманска вера и имигрантско потекло. Во својот победнички говор, Мамдани им се заблагодари на своите гласачи, но и со неколкуте зборови кои ги кажа на арапски, јасно покажа дека нема намера да се повлече пред навредите и провокациите.

Благодарност до следната генерација Њујорчани кои одбиваат да прифатат дека ветувањето за подобра иднина е остаток од минатото. Покажавте дека кога политика ви зборува без да ве потценува, може да имаме нова ера на лидерство. Ќе се бориме за вас, затоа што сме како вас. Иако како што велиме на Стајнвеј , ana minkum wa alaikum (еден сум од вас и одговорен пред вас). Благодарност до оние кои многу често ги забораваме во политиките на нашиот град, кои го присвоија ова движење. Зборувам за сопствениците на Бодеги од Јемен и од Мексико, возачите на такси од Сенегал и медицинските сестри од Узбекистан, готвачите од Тринидад и жените од Етиопија, рече мамдани во победничкиот говор.

Мамдани испрати јасни пораки и до Доналд Трамп, кој нешто помалку од една година откако победи на претседателските избори, објавувајќи и на нацијата дека овој пат ќе ја направи Америка уште поголема и посилна, се соочи со порази на гувернерските трки во Вирџинија и Њу Џерси, а во Калифорнија, со огромно мнозинство помина и предлогот за преуредување на изборните мапи во корист на Демократската партија, како реакција на повеќето слични одлуки во државите под контрола на републиканците.

Но најважно од сѐ, кандидатот поддржан од Трамп, убедливо ги изгуби градоначалничките избори во градот каде e роден. И тоа од имигрант, политичар кој се идентификува како демократски социјалист и муслиман. Човек кој го обвинува Израел за геноцид во Газа и нема намера да попушти пред американскиот претседател.

Њујорк ќе остане град на имигрантите, град изграден од имигрантите, направен силен од имигрантите. Од вечерва и ќе биде воден од имигрант. Слушнете ме Претседателе Трамп кога ви го кажувам ова: за да стигнете до кој било од нас, ќе мора да помине низ сите. Ако некој може да ѝ покаже на нацијата предадена од Доналд Трамп, како да го победиме, тоа е градот кој му го овозможи подемот. И ако има некој начин да го уплашите деспотот, тоа е преку демонтирањето на условите кои му овозможија да акумулира моќ. Тоа не е само начинот на кој ќе го запреме Трамп, туку и наредниот како него. Затоа, Доналд Трамп, бидејќи знам дека гледаш, имам четири зборови за тебе: Пушти го телевизорот погласно!, му порача мамдани.

Својата кандидатура за освојување на номинацијата на Демократската партија за градоначалник на Њујорк ја објави непосредно пред претседателските избори во САД, на кои победи Доналд Трамп.

Иако градот и државата Њу Јорк се традиционално под контрола на Демократите, Трамп на последните избори освои повеќе гласови од сите предвидувања токму од луѓето кои најчесто гласале за оваа партија.

Во едно од своите први видеа кои стануваа вирално споделувани на социјалните медиуми, Мамдани ги праша своите сограѓани зошто одлучиле да го поддржат Трамп или да ги бојкотираат изборите, но и што сакаат да видат од кандидатите на Демократите?

Треба да се фокусираат на економските прашања. Луѓето не гледаа разлика во своите џебови. Јас гласав за Хилари Клинтон во 2016-тата година, во 2018-тата исто така гласав против Трамп на изборите на половина од мандатот, но тие не навредуваат, играат на нашите емоции, сѐ што прават е да не засрамат и водат „блескави“ кампањи со славни личности. Ако зборувате за работите кои луѓето сакаат да ги слушнат, не ми е важно каква боја на кожа имаш, ќе гласам за тебе, зборуваа њујорчани во микрофонот на мамдани.

Централната порака на Мамдани во кампањата беше едноставна –Њујорк, најбогатиот град во најбогатата држава во историјата на светот, мора да биде место за достоен живот на луѓето кои го изградиле – работничката класа, луѓето кои мораат да работат по две или три работи, со цел едвај да преживеат.

Инспириран од прогресивното крило на Демократската партија, предводено од сенаторот Берни Сандерс и членката на претставничкиот дом Александриа Оказио Кортес, Мамдани ги постави економските прашања во центарот на својата политичка понуда – замрзнување на киријата на над 1 милион луѓе кои живеат во околу 30% од станбените објекти во Њујорк, бесплатен и брз јавен автобуски собраќај, бесплатни градинки за децата на возраст од шест месеци до 5 години.

Со своето барање за зголемување на даноците на лицата кои заработуваат над 1 милиони долари и корпоративниот данок, Мамдани си создаде непријатели меѓу 123-те милијардери во Њујорк.

Првото појавување на Мамдани во анкетите му даваше поддршка од едвај 1% од жителите на Њујорк. Но, со своите политики, секојдневно ја зголемуваше поддршката меѓу граѓаните, особено младите гласачи, кои масовно започнаа да волонтираат во неговата кампања.

Во последните денови од кампањата, пораките на Мамдани ги споделуваше вистинска армија од над 90.000 волонтери. Позитивната енергија која ја ширеше доведе и до најголемата излезеност на гласачите во Њујорк на изборите во последните 50 години.

-Се чувствува многу добро, чувствувам дека има надеж за иднината на Њујорк. Оваа кампања беше водена од надеж, и вечерва сите го почувствувавме тоа. Имаме голема надеж за иднината. Имаме многу надеж за кампањата на Зохран и за неговата функција, порача подржувачката на мамдани, ванеса пасос.

 

-Секој што има негативно мислење, го поканувам да погледне отворено и ќе сфати дека Мамдани е човек од народот, се надоврза на нае Кендрик скорза.

 

Мамдани беше и единствениот кандидат кој во дебатата за освојување на номинацијата на Демократската партија, на прашањето која ќе биде првата странска држава која ќе ја посети – не одговори со Светата земја или Израел.

Иако со тоа си создаде непријател во моќното еврејско лоби во САД, AIPAC, Мамдани едноставно одговори дека ќе се грижи за сите Њујорчани, затоа што тоа е неговата работа.

Сета негативна кампања на која беше изложен минатите месеци Мамдани, дека е анти-семит, џихадист, комунист кој ќе го направи Њујорк како Венецуела, на крајот беше залудна.

По триумфалната победа, тој треба да се погрижи за остварување на ветувањата, а на Демократите им претстои непријатна дебата за тоа дали треба да го прифатат економскиот популизам од кој упорно бегаат веќе со децении.

А Трамп? Доколку го послуша Мамдани и го пушти телевизорот на најгласно, на малите екрани можеше да ги гледа насмеаните лица на новиот градоначалник на Њујорк со сопругата и родителите, и да ужива во звуците на песната на индиската пејачка Суниди Чохан од Боливудскиот филмски хит „Дум“.

Никола Илиевски


Анализата беше емитувана во Глобалниот магазин Нексус на Телевизија Телма, петок 7 ноември, 2025.

Нексус се емитува секој петок во 17 часот, а репризното издание е во сабота во 13:30.


 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ќе си делат ли контејнер неколку угостители за да избегнат казни за фрлање смет по 22 часот?

Дејан Дејан

Корупцискиот скандал со проневери преку ИПАРД на опозициските пратенички прашања – обвинувањата се префрлија на собраниска говорница

Дејан Дејан

Села испорача три услови без кои нема да разговара за влез во владата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе