Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го одзеде правото на Универзитетот Харвард да запишува меѓународни студенти, а оние што се запишани ќе бидат принудени да се префрлат на други колеџи или ќе го изгубат својот правен статус.
„Харвард“ го оцени потегот на Трамп како нелегален и чин на одмазда што може да предизвика голема штета на универзитетот.
„Акцијата на владата е незаконска. Целосно сме посветени на тоа да обезбедиме „Харвард“ да има можност да биде домаќин на меѓународни студенти и научници, кои доаѓаат од над 140 земји и неизмерно го збогатуваат универзитетот и оваа нација“, се вели во соопштението на универзитетот.
Трамп вложи вонредни напори да влијае врз приватните образовни институции низ целата земја за кои тврди дека промовираат антиамерикански, марксистички и „радикално левичарски“ идеологии.