Триста денари влез и 15.000 денари за сепаре. Ова е цената која друштво матурантки од скопска гимназија платиле за да продолжат до утринските часови со прославата на матурската вечера во една скопска дискотека која на диво ги отворила своите врати. Тие дошле пред дискотеката неколку минути по полноќ, им бил дозволен влез внатре, а кусо време потоа во објектот влегле полициски службеници и пазарната инспекција и ја затвориле и пломбирале дискотеката, бидејќи немала лиценца за работа.
Прославата на матурската вечер била ноќта меѓу понеделникот и вторникот. Забавата траела до полноќ во еден скопски ресторан и тој дел бил организиран од училиштето. Во меѓувреме во повеќе скопски гимназии се организирал таканаречен „афтер парти“ кој требало да биде во дискотека и ноќен клуб сместен во рамките на железничката станица во Скопје.
Родител на една матурантка објасни дека организацијата одела преку нејзин соученик – 4.500 денари чинела маса за стоење, а 12.000 до 15.000 денари сепаре. Откако ги дале парите добиле карти и ваучери. На картата јасно стои гимназијата, угостителскиот објект и датумот за забавата до утринските часови.
„Сметавме како родители дека по трагедијата во Кочани никој нема да се осмели да ги злоупотреби децата. Мислев дека објектот ги средил документите и легално работи. Кој родител бил плаќал пари за да го прати своето дете во нелегална дискотека“, изјави мајка на матурант.
Таа раскажува дека некои од матурантите не успеале ниту да влезат во објектот, бидејќи веќе пристигнала пазарната инспекција и полицијата. Таа вината ја лоцира кај сопствениците на угостителскиот објект кои свесно го прекршиле законот и ги измамиле нив и нивните деца.
Случајот не го пријавила во полиција, а од соученикот на нејзината ќерка нема добила одговор дали и кога би ги рефундирал средствата кои ги зел за прославата во дискотеката.
Од Пазарната инспекција потврдија дека изминатиот период затвориле и пломбирале три објекти ноќни клубови и дискотеки кои нелегално и на своја рака, без никаква дозвола и лиценца, ги отвориле вратите и примиле стотици матуранти и против нив се почнат повеќе постапки.
Огнен Чанчаревиќ