Ќе ја трчаат ли независните кандидати изборната трка на есен?!
Од неизвесност и повици за консензус, до спротивставени мислења од страна на институциите.
Уставниот суд пред три дена одлучи во корист на независните кандидати и ги укина членовите од Изборниот законик со кои повеќе од тројно требаше да се зголеми бројот на потписи за нивна кандидатура.
Собранието, пак, денеска потврди дека локалните избори ќе се спроведат според Изборниот законик, без измените и дополнувањата од лани.
„Во однос на вашето прашање сакаме да ве известиме дека укинувањето на двата члена од Изборниот законик од страна на Уставниот суд мора да се почитува. Надополнуваме дека со укинувањето на двата члена од Изборниот законик нема никаков вакуум простор односно локалните избори ќе се спроведат со старото решение“, одговорија од Собранието на РС. Македонија.
Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, пред три дена кажа дека на потег е Собранието да ја пополни „правната празнина“. Правните норми кои Собранието „ги оживува“, Костадиновски пред три дена ги прогласи за „мртви“.
„Со оваа одлука, претходното правно правило не оживува. Значи ние не оживуваме норми. Ние сме негативен законодавец, ние можеме само да отстраниме неуставни норми од нашиот правен поредок. Во спротивно, евентуално непостаување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреда на политичкиот плурализам, како и сите темелни вредности на нашиот правен поредок“, вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на РС. Македонија.
Ова во дилема ги остава независните кандидати. „Имаме недефиниран статус“, вели советничката од „Независни за Карпош“, Невена Георгиевска. Стравуваат од многу препреки во процесот – колку им се отежнува патот до кандидатура на изборите?!
„Независните кандидати во моментот со укинување на овие две одредби имаат недефинирано. Некои правници сметаат дека можеме и со потпис, меѓутоа не се знае точно и се плашам дека ако не се дефинираат ќе наидеме на многу препреки околу тоа што треба и како треба. Мора законодавецот да ги донесе овие измени за да знаеме како да настапиме. Нека нѝ дозволат поедноставно да настапиме на избори, па изборите ќе кажат кој е подобар и кого избрале“, рече Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“.
Партиите од власта и од опозицијата со различни ставови. Едни кусо и без детали, а други со повици за посеопфатни и подлабоки измени.
„Точно е дека има правна празнина и се работи на надминување на постоечката ситуација“, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) бараат изборна реформа која ќе биде сеопфатна, транспарентна и во функција на вистинска демократија, а одлуката на Уставен ја оценуваат како појдовна точка за тоа.
„Одлуката на Уставниот суд за укинување на два члена од Изборниот законик уште еднаш ја потврдува потребата од длабоки измени во овој законик, не само во тие два члена, туку во целата правна архитектура на изборниот систем. Загрижувачко е отсуството на иницијатива од Владата и Министерството за правда за формирање на една инклузивна работна група која би ги третирала сите прашања, имајќи предвид дека секоја измена треба да произлезе како резултат на консензус“, сметаат интегративците.
Вчера, заменик-министерот за правда, Деребан, прашан за тоа како ќе се регулираат измените со оглед на препораките дека шест месеци пред избори треба да биде завршена целата постапка – одговори дека и претходно имало случаи кога така биле носени законски измени.
Инаку, Уставен на 20 мај ги укина членовите 17 и 18 од Законот за измена и дополнување на Изборниот законик, донесен лани во март, со кои независните листи и кандидати, особено во поголемите општини, добија зголемување на прагот за собирање потписи од избирачи за да учествуваат на избори.
Петар Догов