Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Каја Калас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје на прашањето дали ЕУ има „план Б“ за Северна Македонија, слично како за Украина, изјави дека фокусот останува на основниот пат. ЕУ притоа сѐ уште се надева дека планот „А“ ќе профункционира и ќе биде успешен, а доколку тоа не се случи, според Калас, тогаш ќе се помине кон следната фаза.
„Прво, јасно е дека сакаме Северна Македонија навистина да се придвижи по овој пат и знаеме дека има пречки на него, и тоа го дискутиравме денеска за да можеме да изнајдеме механизми за да се надминат тие пречки“, рече таа.
Додека, за прашањето за неинтеграцијата на Западен Балкан, и колку е тоа голема закана, одговори дека е важно сите земји да се целосно интегрирани.
„Ако ја погледнеме поголемата светска слика, секако јасно гледаме дека има разлика во големите сили, има тектонски промени. Западен Балкан секако е дел од Европа, и важно е за нас да бидеме сите целосна интегрирани. ЕУ е мировен проект, и тоа овозможува да се намалат тензиите во регионот на Западен Балкан. Затоа сметам дека тоа е и безбедносно прашање“, посочи таа.