Поранешниот украински политичар Андреј Портнов е убиен утрово пред американско училиште во Мадрид, изјави полициски извор за „Индепендент“. Полицијата добила дојава за пукање во богатиот кварт Позуело во 9:15 часот по локално време, соопшти мадридската полиција, без идентифицирање на жртвата.
„Мажот ги водел своите деца на училиште, кога бил неколкупати застрелан“, јави радио Кадена.
Портнов беше висок помошник на поранешниот украински претседартел Виктор Јанукович, кој беше соборен од власт во 2014 година. По промената на власта во Киев, беше ставен на неколку листа на санкции на Западот поради неговите постапки како дел од поранешната администрација. Беше вклучен во авторитарните репресии против бунтот на Мајдан, бранот на граѓански немири во Украина што ги предизвика желбата на Јанукович да одржува блиски врски со Русија на штета на ЕУ.
По промената на власта во Украина, Портнов живееше во Русија, пред да се пресели во Виена, каде се занимаваше со адвокатура. Обвинителството на Крим во 2018 година отвори истрага против него за негова наводна вмешаност во руската анексија на полуостровот во 2014 година.