Циркуска акробатка го загуби животот во рускиот град Магнитогорск по пад од височина од над четири метри додека ја изведувала точката „велосипед на смртта“, соопшти управата на Истражниот комитет на областа Челјабинск.
Во соопштението се наведува дека е почната кривична постапка за кршење на мерките за заштита при работа, „што предизвикале смрт на лицето од небрежност“, пренесува РИА Новости.
Според резултатите на истрагата, вработените во државниот циркус во Магнитогорск на 17 мај ги прекршиле барањата за безбедност при работа за време на подготовка на претстава и ѝ дозволиле на 22-годишната акробатка да го изведе перформансот на „велосипед на смртта“.
Притоа, девојката паднала во арената, а потоа починала во возило на Итната медицинска помош.