Вести Свет

Романците гласаат во одлучувачки втор круг на претседателските избори

Романските граѓани денеска излегуваат на гласање во вториот круг од претседателските избори, каде се соочуваат двајцата кандидати со сосема различни политички визии – Георге Симион, лидерот на крајно-десничарската партија „Алијанса за обединување на Романците“, и актуелниот градоначалник на Букурешт, центристот и проевропски ориентираниот Никушор Дан.

Изборите доаѓаат по откажувањето на претходниот изборен циклус поради обвиненија за изборни нерегуларности и наводно руско мешање, што Романија ја вовлече во најтешката политичка криза во последниве децении.

Новиот претседател ќе има клучна улога во поставувањето на нов премиер, откако досегашниот Марчел Чолаќу поднесе оставка.

Симион, 38-годишен националист, ја презеде водечката улога откако неговиот сојузник, Калин Георгеску, беше забранет да учествува во изборите.

Симион кампањата ја водеше под слоганот за враќање на демократијата и силна државна реформа, со акцент на намалување на бирократијата и даноците. Тој, исто така, отворено се залага за обединување со соседна Молдавија.

Никушор Дан, 55-годишен поранешен математичар и активист за граѓански права, се кандидира како независен со јасно изразена про-ЕУ и про-НАТО платформа. Неговиот фокус е на борбата против корупцијата, поддршката за Украина и спроведување на фискални реформи.

Последните анкети покажуваат тесна трка, со мала предност во различни мерења за секој од кандидатите. Претседателската функција во Романија има значајна улога во надворешната политика и националната безбедност и трае пет години.

Гласачките места се отворени од 7:00 до 21:00 часот по локално време, а Романците во дијаспора гласаат од петокот. Веќе над половина милион граѓани во странство го искористиле своето право на глас.

Овие избори се сметаат за клучни за идната насока на земјата – дали Романија ќе остане цврсто вкотвена во западните сојузи или ќе сврти кон популистички и националистички модел на власт.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Романците гласаат во одлучувачки втор круг на претседателските избори

Дејан Дејан

Папата Лав XIV ја започна својата понтификална служба со свечена миса во Ватикан

Дејан Дејан

Наскоро ќе биде објавена листата си нови лекови на сметка на фондот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе