Кој работи чесно ќе остане, кој не ќе биде сменет и во партијата и во Владата, а реконструкцијата ќе се случи по конгресот на ВМРО – ДПМНЕ кој треба да се одржи кон крајот на годинава.
Ова е една од пораките кои денес ги испрати премиерот Христијан Мицкоски на партискиот собир во Скопје. Тој најави дека очекува убедлива победа на локалните избори и политичка пензија за лидерот на ДУИ, али Ахмети и уште еднаш го осуди потегот на Таравари и заминувањето од владината коалиција.
Иако се шпекулираше дека реконструкција на кабинетот може да има по заминувањето на Таравари или по локалните избори во октомври, Мицкоски денес прецизно соопшти дека тоа може да се случи само по редовниот партискиот конгрес.
Кандидатите за градоначалници на локалните избори владејачката партија ќе ги објави во два циклуси, а првите имиња ќе излезат во јавноста на крајот на месецот.
Според партиските анкети, прелиминарните кандидати имаат убедливо водство над опозициските, па Мицкоски најави огромна победа на изборите и дебакл на опозициската СДСМ и додаде дека тој очекува политичко пензионирање на Ахмети.
Жестоки критики беа испратени кон довчерашниот партенр во Владата, Арбен Таравари, а од бината премиерот му порача дека наместо визија и посветеност одлучил да калкулира и погрешил.
Таравари преку социјалните мрежи му одговори дека локалните избори ќе ја покажат неговата моќ
„Вистинската моќ е народот. Се гледаме во октомври, што е блиску… многу блиску!“
Во крилото на Алијанса на Албанците кое го води Таравари почнаа превирања околку одлуката за напуштање на Владата. Прв се спротивстави членот на претседателството Сабри азири а денес преку социјалните мрежи оставка од пратеничката и сите партиски функции во Алијанса најави Салим Сулејмани.
Огнен Чанчаревиќ