Вести Македонија Топ вести

Билатералните теми да не бидат пречка на европскиот пат, вие имате уште реформи – пораки на Мајнл–Рајсингер, МНР на Австрија

Договореното да биде исполнето, но да нема и нови пречки. Вака гласи пораката која ја испрати министерката за европски и меѓународни работи на Австрија, Беате Мајнл – Рајсингер, која е во посета на Скопје.

Таа уверува дека Унијата гледа што има направено Македонија досега, но сепак е децидна дека се потребни уште реформи.

Дека сега е време да се испорачаат резултати порача и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој при вчерашната посета на Скопје оцени дека процесот на евроинтеграција на Македонија се одвива многу долго.

„Ние гледаме колку е направено од Ваша страна и колку чекори веќе сте направиле. Поминати се веќе дваесет години оттогаш и сега и ние сме должни билатералните теми да останат билатерални теми, а да не се поставуваат како камења на сопнување“, вели Беате Мајнл – Рајсингер, министерка за европски и меѓународни работи на Австрија. 

Македонија очекува предвидливост од Европската унија, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Тврди дека сѐ уште се бара решение кое треба да биде рационално, за да биде прифатливо.

Овој став на Муцунски доаѓа по вчерашните пораки од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Околу прашањето – дали Македонија може да добие гаранции за да го смени Уставот, тој кажа дека нема што повеќе да се договара, сега треба да се испорача тоа што е договорено.

„Бараме решение коешто ќе нѝ обезбеди предвидливост напред кон членството, почит за нашето достоинство и идентитет, очекувајќи дека и земјите членки на Европската унија ќе ги почитуваат оние принципи поврзани со малцински права коишто очекуваат ние да ги почитуваме. Концесии коишто ќе не стават во ситуација повторно за брзо да се враќаме во оваа состојба во којашто сме сега, како Влада не сме подготвени да прифатиме. Мислам дека нашата позиција по однос на тоа прашање е кристално јасна“, вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи. 

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, во вчерашното интервју за „Вин Вин“ на Телма, откри дека на средбата со Кошта ѝ било посочено дека предлогот за уставни измени со одложено дејство е „извонредно конципиран, но и неприфатлив“.

„За нашиот предлог, бидејќи овде беше жестоко критикуван, оној предлог за измени со одложено дејство, вели дека е извонредно коннципиран меѓутоа Бугарија не го прифаќа, тој се обидел да го презентира. Значи – неприфатен. Заради консензусот, иако многу членки го разбираат сепак не може да помине“, кажа Гордана Сиљановска – Давкова, претседател на РС. Македонија, во „Вин Вин“ на Телма. 

Премиерот Мицкоски вчера повтори дека ставот на Владата е непроменет – без добра волја и испорака и од бугарска страна, уставните измени се неприфатливи. Претседателот на Владата остави и простор за директни разговори со источниот сосед за изнаоѓање решение, но на неутрален терен во Брисел.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Даунинг Стрит 10: Партнерството го отсликува се подлабокото пријателство помеѓу двете земји

Дејан Дејан

Секое планирање во енергетиката мора да биде долгорочно, вели Божиновска

Дејан Дејан

Божиновска: Ќе се зголеми производството и ќе се намали цената

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе