Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити по излегување на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари од владината коалиција, напиша дека коалицијата „Вреди“ продолжува по патот на промената. Во објава на „Фејсбук“, Меџити напиша дека Таравари не ја напуштил Владата, туку ја предал.
„Ти не донесе промена. Ти не се враќаш кон народот. Ти се враќаш кон црната листа. Ти не ја напушташ Владата. Ти ја предаде Владата“, напиша Меџити.
Меџити оценува дека „Таравари е разочарување за секој Албанец кој гласал за промената“.
„„Вреди“ продолжува по патот на промената. Ги покануваме сите активисти, симпатизери и гласачи кои се чувствуваат измамени, предадени и оставени сред пат без насока“, пишува во објавата.
Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците Арбен Таравари по синоќешниот состанок во Тетово соопшти дека ја напуштаат владината коалиција и одат во опозиција.
„Констатиравме дека минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години. Меѓутоа, промените што ги видовме, за жал, не ги испорачавме и затоа граѓаните секојдневно нè критикуваат. Затоа одлучивме да се вратиме кај граѓаните. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Со „Вреди“ се обидувавме околу шест недели, и ако имаме сопствени советнички листи, да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, меѓутоа, не успеавме во тоа и констатиравме дека доколку има недоверба во тие што се членови на владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, немаме што да бараме таму“, рече Таравари.