Неколку часа по барањето на европските лидери за согласност од Русија за 30-дневен безусловен прекин на огнот во Украина, рускиот претседател изнесе поинаков предлог кој му се допадна на неговиот американски колега, Доналд Трамп.
Путин ја повика Украина на директни преговори без предуслови во Истанбул на 15 мај, на што Трамп рече дека тоа би можело да биде „потенцијално голем ден за Русија и за Украина“ и оти запирање на војната би спасило стотици илјади животи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потоа порача дека е подготвен за лично да се состане со Путин во Истанбул на разговори за завршување на војната. Неговиот коментар следуваше набрзо по барањето од Трамп за Украина да ја прифати понудата на Путин за директни разговори меѓу двете земји во Турција.
„Нема смисла да се продолжува со убиствата. А, Путин ќе го чекам лично во четврток во Турција“, напиша Зеленски.
Путин претходно истакна дека лично ќе контактира со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да договори состанок меѓу Русија и Украина во Истанбул.