Индија испука ракети на територија контролирана од Пакистан на неколку локации изутрината. Бројот на жртви надмина 30, меѓу нив има и цивили, ова е воен чин рече лидерот на Пакистан. Индија, исто така, тврди дека има жртви. Погодена е инфраструктура што ја користат милитантите поврзани со масакрот на туристите минатиот месец во делот на Кашмир контролиран од Индија. Индија го обвини Пакистан за поддршка на милитантниот напад, што Исламабад го негира. Регионот е поделен меѓу Индија и Пакистан од 1949 година, а двете страни имаат желба да воспостават контрола врз областа во целост.
Пакистан тврди дека соборил неколку индиски борбени авиони како одмазда, откако три авиони се урнале врз села во Кашмир контролиран од Индија. Пред нацијата се обрати и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој ја обвини Индија за кукавички напад. Портпарол на пакистанската армија Чаудри извести дека имало 24 напади на шест локации, а во нападот врз џамијата убиено е и тригодишно девојче. Тој најави жесток одговор.
- „Во џамијата на полицијата Ахмед Субан, која беше цел, се случија четири напади во кои беа убиени пет невини Пакистанци, вклучувајќи едно 3-годишно девојче, двајца постари мажи и две жени, а 31 беа ранети. На овој кукавички, неоправдан чин на непријателот ќе одговори силно пакистанската армија, одговарајќи со поддршка на пакистанската нација“ – Ахмед Шариф Чаудри, портпарол на пакистанската армија.
Воздухопловните сили на Индија тврдат дека ниту еден воен објект не бил цел на нападот и доколку Пакистан одговори на нападот ситуацијата ќе ескалира.
- „Ниеден воен објект не беше цел на нападот. Индија покажа значителна воздржаност во својот одговор. Сепак, мора да се каже дека индиските вооружени сили се целосно подготвени да одговорат на пакистанските напади, доколку ги има, што ќе ја ескалира ситуацијата“ – Вјомика Синг, командант на крилото на индиските воздухопловни сили.
Американскиот претседател Доналд Трамп нагласи Индија и Пакистан треба сами да ги решат своите проблеми, повикувајќи на дијалог за да се избегне понатамошна ескалација. Аналитичарите ја оценуваат ситуацијата меѓу соседите вооружени со нуклеарно оружје како „загрижувачка“.
По денешните индиските воени операции преку Линијата на контрола, што е де факто е границата меѓу делови од Кашмир под контрола на Индија и Пакистан, веќе се погребуваат првите жртви од нападот. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со порака „светот не може да си дозволи воена конфронтација“ меѓу двете земји, тој повика на максимална воена воздржаност од двете земји“.
Билјана Ставрова