Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека пресудата против претседателот на Република Српска Милорад Додик е првенствено насочена против Република Српска и против српскиот народ во целина.
Додик денеска неправосилно беше осуден на една година затвор, односно шест години забрана за вршење на политичка функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
Српските претставници предводени од Додик ја критикуваа одлуката на судот додека во Федерацијата судската пресуда беше дочекана со одобрување бидејќи се санкционира воинственото и заканувачко однесување на Додик кон унитарноста на БиХ.
Во ситуацијата очекувано се вмеша и српскиот претседател Александар Вучиќ којшто дома во Србија е соочен со повеќемесечни студентски протести и барања за борба против корупција инсталирана од страна на функционери и припадници на партијата на Вучиќ.
Во Србија прво се оддржа Совет на безбедност поради одлука на суд во друга држава по што Вучиќ отпатува и се сретна со претседателот на Република Српска, осудениот Милорад Додик кој е и на црната листа на САД поради политиката за поделби и безбедносниот ризик врз регионот на западен Балкан.
На почетокот на заедничката конференција со Додик во Бања Лука, Вучиќ рече дека денешниот ден не е лесен, и дека всушност е тежок ден за српскиот народ во целина.
„Оваа пресуда не го покажува само односот кон Додик, туку првенствено е насочена против Република Српска и против српскиот народ во целина“, рече Вучиќ.
Вучиќ истакна дека дошол кај претседателот Додик со две барања. Првиот беше да ги покани на разговори сите политички актери во Босна и Херцеговина, како и претставниците на ЕУ, САД, Русија и Кина.
„Сакам Додик да иницира дијалог и да ја покаже посветеноста на Србија за мир и решавање на проблемите преку дијалог“, рече Вучиќ.
Второто барање се однесуваше на повикот за единство и солидарност во Република Српска, особено за клучните прашања, кои се упатени до Додик, Станивуковиќ и многу други политичари во Република Српска.
„Мојата порака до народот на РС е дека Србија секогаш ќе стои на нивна страна и ќе направи се за да помогне во зачувувањето на мирот. Го молам и претседателот Додик и нашиот народ за мир и дијалог, но Србија секогаш ќе стои покрај Република Српска и нејзиниот народ“, нагласи Вучиќ.
Тој нагласи дека Србија ќе продолжи да ја поддржува институцијата претседател на Република Српска и Милорад Додик, додавајќи дека Србија секогаш била и ќе остане со Република Српска.
Парламентот на Република Српска вечерва пак усвои информација за уривање на уставот на Босна и Херцеговина – мерки и задачи за зачувување на Уставот на БиХ и констатираше дека Судот на БиХ извршил чин на државен удар и целосно уривање на уставниот поредок на БиХ, бидејќи донел пресуда врз основа на одлука на неизбраниот странец Кристијан Шмит, а не на основа на закон донесен од парламентарното собрание на БиХ.