Вести Македонија

Жените најдобри нови офицери на воената академија

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска беа промовирани офицери и подофицери каде свои обраќања имаа претседателката на Република Северна Македонија Гордана Силјановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и прворангираниот потпоручник Милица Перишиќ.

Претседателката Силјановска Давковка во своето обраќање на промовираните офицери и подофицери им порача совесно и одговорно да ги извршуваат обврските и должностите како бранители на слободата на татковината и дека очекува активно да учествуваат во справувањето со традиционалните, како и новите хибридни закани во физичкиот и сајбер просторот.

Вие станавте офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти. Како офицери на НАТО армијата, од вас се очекува да ги исполнувате највисоките професионални стандарди и врвни критериуми. Сигурна сум дека активно ќе учествувате во справувањето со традиционалните, меѓутоа и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер просторот. Вие ќе треба да придонесувате за колективната безбедност и одбрана, преку учество во мировни мисии и операции да ја одржувате борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери, но, ве молам, никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сѐ и над сѐ за македонските граѓани и за одбраната на македонската република, порача Силјановска Давкова.

Пред присутните, Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од, како што рече, институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да ѝ служат на државата и граѓаните, како и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба.

Оваа година на нашата Воена академија со прв офицерски чин се стекнуваат и питомци од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа ја покажува нашата сериозна посветеност во регионалната стабилност и безбедност. Создадовме човечки капацитети, офицери, кои изминативе 4 години заедно живееја, се едуцираа и обучуваа како да ги совладаат задачите кои им престојат. Верувам дека и понатаму во животот ќе останете добри пријатели и дека активно ќе соработувате и заеднички ќе придонесувате во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во Алијансата, рече Мисајловски.

Во потпоручници беа промовирани 38 питомци, од кои 24 за потребите на македонската Армија, односно 12 жени и 12 мажи, осум од Црна Гора и шест од Босна и Херцеговина.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Градски воз“ од Зелениково до Нова железничка станица до крајот на годината, најави Николоски

Дејан Дејан

Таравари: На две столчиња не можеме да седиме, од ВМРО-ДПМНЕ зависи дали ќе има предвремени избори

Дејан Дејан

Црн чад од оџакот на Сикстинската капела – без избор на Папа по првото гласање во Ватикан

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе