Вести Македонија Топ вести

Имаат ли општините капацитет за 250 милиони евра инвестиции?

Izgradba na gradinka vo Trubarevo

Слабиот административен капацитет ги доведува во прашање плановите за засилени инвестиции во капитални проекти во општините. Решението може да се бара во здружување на општините, но и помош од централната власт.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека 250 милиони евра од унгарскиот заем од 1 милијарда евра ќе бидат наменети за развој на општините, кои ќе треба да подготват проекти и да аплицираат за парите.

Експерти за локална самоуправа со кои разговаравме велат дека на прсти се бројат општините кои имаат капацитет да подготват и да реализираат големи инфраструктурни проекти.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека се покажа дека институциите не можат да ги инвестираат ниту парите што им стојат на располагање.

„За да црпиш пари било од буџетот, било од странските финансиери, тие не ти ги даваат на располагање на жиро сметка, па да си ги земеш. Странците ти даваат, но ќе ги вратиш. Ние немаме административен капацитет да ги црпиме дури и парите кои ни ги даваат на располагање. И сега тие велат ќе има, ама кога. Еве сега ќе дојдат одмори, кога ќе бидат способни општините да ги креираат. Кај им биле досега тие проекти, зашто проектирањето треба да трае долго за извршувањето да трае кратко“, вели Хајредини.

Поранешниот претседател на ЗЕЛС и експерт за локална самоуправа Горан Ангелов вели дека проблем со административните капацитети имаат помалите и рурални општини, и оти ним владата треба да им помогне.

„Тој капацитет може да се компензира со меѓуопштинска соработка, веројатно со здружување на неколку рурални општини или со здружување со онаа општина од која произлегле. Сигурно ќе треба помош и од централните власти, тука е Министерството за локална самоуправа, да не го заборавиме Бирото за регионален развој, и таму има капацитет, тука е Министерството за транспорт и врски. Сигурно дека на почетокот ќе има проблеми, тоа е за очекување, сепак станува збор за поголема сума пари, но да не заборавиме дека се натрупани премногу инфраструктурни проблеми во општините во изминатите 32 години“, вели Ангелов.

Владата најави дека на општините ќе им стави на располагање 250 милиони евра. Парите ќе се делат согласно бројот на жители на општината, а градоначалниците треба да подготват документација и да се пријават на повикот. Парите не можат да бидат наменети за тековни трошоци, туку само за капитални инвестиции, како училишта, градинки, водоводи, канализации и улици.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нови кадровски решенија по одлуката на Таравари

Дејан Дејан

Врховниот суд ја укина пресудата со 3 години затвор за Васил Јованов, но Кривичниот ја наведе како отежителна околност при изрекувањето на 12 години затвор за прегазувањето на Фросина Кулакова

Дејан Дејан

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе