Два паднати далноводни столба на скопската депонија Вардариште повеќе од 12 часа оставија без струја десетици илјади жители на неколку скопски населби.
Претпладнево, жителите на Аеродром, Ново Лисиче и Маџари добија струја. ЕВН Македонија соопшти дека снабдувањето е нормализирано.
Тие испратија снимки како нивни екипи ноќеска работат на отстранување на дефектот.
„ЕВН Македонија изразува голема благодарност до МЕПСО и ЕЛНОС Скопје за несебичниот ангажман и дадената поддршка во вакви кризни и итни состојби“, соопшти ЕВН Македонија.
Екипи на Електродистрибуција и денеска се на терен на Вардариште. Проблемот засега е решен со премостување на паднатите два далноводни столба.
Далноводите кои поминуваат низ депонијата Вардариште носат струја до трафостаницата Исток во Маџари и до трафостаницата Аеродром од другата страна на Вардар до Паркот со авиончето. Прашање е што е причината за падот на далноводните столбови. Дали само ветрот и силното невреме или тие претходно биле оштетени од пожарите чии траги се гледаат околу далноводите. Имено, на Вардариште се палат кабли за да се извади бакарот за продажба.
Околу далноводите може да се видат траги од пожари и остатоци од кабли. Далноводите не се откорнати од земја, туку се свиткани. Во Електродистрибуција велат дека не се само пожарите. Огновите го оштетуваат железото, се крадат винкли, темелите се затрупуваат со земја, што го забрзува скапувањето на железото, и на крај невремето само ги докусури.
Телма во неколку наврати известуваше за палење огнови на Вардариште кои ги трујат скопјани, особено зимно време.
Невремето што синоќа зафати делови од главниот град предизвика повеќе штети – паднати дрвја, оштетени автомобили, кровови, поплавени домови.
Срѓан Стојанчов