Во пакетот од пет закони, чиј предлагач е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кои беа усвоени го нема Законот за висока раководна служба, кој министерот Алиу го најавуваше уште одамна. Станува збор за еден од трите закони за кои имаше забелешки во извештајот на ЕУ, вклучувајќи ги и Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор кои беа усвоени на последната владина седница. Ние сакавме и тој закон да биде во пакет со овие закони, но за жал не успеавме, вели Алиу. Според него кога ќе има решение прифатливо и во согласност со вредностите на Европската Унија истиот ќе биде на седница на Влада.
„Имајки предвид дека работните групи како и експертите од ЕУ се уште имаат отворени прашања и дилеми за овој Закон, истиот се уште се работи на ниво на работни групи. Тој закон е многу битен исто како што се битни законите кои вчера ги поминавме, а исто така се поврзани со квалитет и отчетност на јавната администрација. Затоа им дадовме време на работните групи да најдат соодветно решение“, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација.
Донесувањето на Законот за висока раководна служба ќе донесе стандарди за професионализација на високата раководна служба и претставува чекор напред кон решавање на долгогодишен проблем со назначувањето на директори и раководители во земјава.
Предлог законот, пак, за административни службеници подготвен согласно препораките од Европската комисија и од СИГМА треба да придонесе кон професионална, мотивирана и деполитизирана администрација. Меѓу решенијата во Законот за вработените во јавниот сектор, се предлага забрана за вработување преку Агенции за привремени вработувања и вработување на определено време на раководни работни места.
Секој службеник кој првпат заснова работен однос во јавната администрација ќе биде задолжен да мине 120 часа обуки од 10 тематски области во рок од една година. Потоа, службеникот се задолжува да положи писмен и устен испит пред Комисијата со што ќе обезбеди професионализација на административните службеници. Министерството за информатичко општество предлага петте законски решенија да се донесат во скратена постапка и со ЕУ знаменце.
На брифинг со новинарите министерот Алиу ги објасни придобивките од петте закони кои како што рече се многу важни за граѓаните и за државата.
Нина Стефанова