Калкулаторите ќе ја избројат само материјалната штета, додека дупките во знаењето на децата скапо ќе се платат.
Државата веќе исплатила илјадници примероци од учебник по Историја и општество со спорна содржина и многу неточни факти и податоци.
Пари „фрлени во бунар“ ако учебникот се повлече од употреба. Телма пресмета сума од 157 илјади евра потрошени за печатење на тиражот само на македонски јазик.
Цената на чинење е 4,62 денари по страница и истата ја пишува во рамковната спогодба помеѓу МОН и печатницата Европа 92 од Кочани.
Тиражот на македонски јазик изнесува 13.574 примероци. Ако се додаде и бројката од 7011 примероци на албански јазик што изнесува околу 80000 евра, вкупната сума е околу 240 илјади евра за печатење на Историја и општество на македонски и албански јазик.
„Кој повторно ќе ги плати парите? Треба да се повикаат на одговорност тие коишто ставиле потпис на грешки коишто се недопустливи, коишто можеби се и елементарни и некој ќе каже дека тие можеби не навредуваат никого, но безразлика. Бирото за развој на образованието дава мислење, рецензентите даваат мислење, Националната комисија го одобрува учебникот. И јасна е тука постапката. И јасно е кај кого лежи одговорноста“ – вели посебниот советник за министерот за образование и наука, Шпетим Љатифи.
Дали ќе се повлече учебникот од употреба сѐ уште не е одлучено. Надлежните се на крстопат – дали ова четиво да остане во ранците и на училишните клупи или да замине во историјата.
Националната комисија за учебници која првично го одобри учебникот, сега ја преиспитува содржината, додека, пак, родители прашуваат што и како работи таа Комисија.
Според универзитетскиот професор и поранешен заменик-министер, Петар Атанасов, овој учебник го разобличува образовниот систем.
„Во овој учебник имаме три несродни научни дисциплини или науки. Првиот дел се општествени науки, вториот дел е природна наука – географија и третиот дел е хуманистичка наука – историја. Кој експерт смислил три различни науки, во еден учебник за петто одделение да се наредат вака и да им се дадат на децата да го учат. Тие тек сега влегуваат во образовниот систем, а овој учебник може да остане и во следните десет години“ – вели Атанасов.
Учебниците се достапни на интернет, а како се објавува содржината и по други предмети – така на површина излегуваат и проблемите со другите четива.
Па така, Географијата за осмодделенците содржи реченици идентични со материјалот на неформалната енциклопедија Википедија.
Таму пак, како е извор е наведена Географијата за VII одделение од минатите години. Одговорност за пропустите – нема ниту во најава, од страна на политичките чинители.
Министерот за образование Шаќири, на просветарите кои му побараа оставка, им порача дека никаков законски пропуст не е направен. Премиерот застана во одбрана и кажа дека министерот не ги пишува учебниците.
Петар Догов