Вести Македонија

Во најава се повисоки сметки за вода и ѓубре за граѓаните – комуналците бараат помош од Владата

Цените на струјата и горивата веќе удрија по сечиј домашен буџет, а во најава е и продлабочување на кризата.

Јавните комунални претпријатија се закануваат дека товарот може да падне на грбот граѓаните и тие да добиваат повисоки сметки за вода и ѓубре.

Ова би било крајното сценарио ако централната власт не им помогне.

Некаде веќе е донесена одлука за поскапување, па така од кумановското „Чистота и зеленило“ за Телма потврдуваат дека биле приморани да ги зголемат цените на комуналните услуги.

Ѓубрарината сега чини за 25% повеќе за физичките лица, а за правните лица поскапувањето е помеѓу 35 и 40 проценти.

Поскапени се и другите комунални услуги.

Во меѓувреме, повеќе од деведесет даватели на комунални услуги од различни градови, а претставени во едно здружение, бараат од Владата да се најде решение, за да им се помогне во кризата.

„Владата како страна која има влијание врз цените на енергенсите чијашто цена се покачи, што директно имаше влијание врз нашето финансиско работење и опстојување, бараме да излезе во пресрет и да обезбеди финансиска помош преку блок-дотации за покривање на дел од загубите или да ја покрие разликата на трошоците за електрична енергија, помеѓу планираните и фактички настанатите“ изјави Пеце Милевски, Претседател на АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги.

 

„Најлошото што може да се случи е поскапувањето на електричната енергија да падне на грбот на граѓаните. Затоа ние се трудиме да ги исцрпиме сите механизми коишто ни стојат на располагање заеднички со ЗЕЛС“ изјави Златко Перински, Директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Тешката зима во најава веќе тропа на портите, а допрва треба да се види и како надлежните би можеле да им помогнат на комуналците.

Директорите бараат состанок на „Илинденска бр.2“, а од Владата само кратко одговараат.

„Барањата на Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ) ќе бидат сослушани и разгледани, како што се постапува и со сите останати барања“ велат во одговор од Владата.

Во меѓувреме, и покрај најавите за голема криза во работењето и евентуално повисоки давачки на граѓаните, дел од комуналните претпријатија во изминатиот период ги зголемија платите на вработените линеарно, според покачувањето и на минималната плата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија ликвидирала над 100 екстремисти во напади на пакистанскиот дел од Кашмир

Дејан Дејан

Муцунски: Македонија ја подржува иницијативата за формирање на воен суд во Украина

Дејан Дејан

Во Албанија до 17 часот гласале 38,75 отсто од гласачите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе