Уште еден 12 часовен прекин на огнот е во сила во Украина, откако двете завојувани страни се договорија да продолжат евакуациите на цивилите. Хуманитарни коридори се истите од вчера, од Мариупол, Харков и од четири преградија на Киев, Ворзел, Буча, Ирпин и Хостомел.
Во моментов имаме краток временски прозорец. Дури иако во моментов во сила е прекин на огнот, ризикот тие повторно да почнат да гранатираат е голем, изјави Јевген Нишчук, поранешен министер за култура на Украина а сега член на силите за територијална одбрана.
Утре за прв пат од почетокот на руската инвазија на Украина, во турското одморалиште Анталија, ќе се сретнат министрите за надворешни работи на двете земји, Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба. Средбата се организира на иницијатива на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој изрази надеж дека ќе доведе до постигнување конечен мир меѓу двете страни.
Од друга страна, извори од израелската влада и премиерот Нафтали Бенет, кој последниве денови се вклучи во напорите за посредување, тврдат дека ставовите на двете страни омекнуваат откако Русите соопштиле дека сакаат да го демилитаризираат само регионот Донбас. Путин претходно порача дека инвазијата ќе заврши кога Украина ќе биде спроведена демилитаризација и денацификација на Украина, ќе биде призната руската власт над Крим и независноста на Доњецк и Луганск. Според Израелците за Зеленски ова се тешки услови за прифаќање, но Русите повеќе не бараат промена на власта во Киев а Украина ќе го задржи суверентитетот, во спротивно Путин најавил дека руската армија ќе го засили нападот. Во ново видео обраќање, украинскиот претседател им порача на руските војници да престанат да ги слушаат своите команданти и да се вратат дома.
Вие сѐ уште можете да се спасите само ако си одите дома. Не верувајте им на своите команданти кои ви велат дека сѐ уште имате шанси во Украина. Тука ве чекаат само затвор или смрт, им порача Зеленски.
Доцна синоќа Пентагон го одби полскиот предлог за испраќање на полските ловци МИГ-29 во Украина преку американската воена база Рамштајн во Германија бидејќи тоа од Русија може да биде протолкувано како директна интервенција во војната.
Украина денеска предупреди дека нема информации за состојбата во деактивираната нуклеарна централа Чернобил, откако било прекинато снабдувањето со електрична енергија кое го напојува системот за ладење на радиоактивниот отпад. Државната компанија Енергоатом соопшти дека изгубиле и конекција со системот за мониторинг на нивоата за радијација во нуклеартната централа и забранетата зона, и дека 210 вработени кои ги одржуваат безбедносните системи работат без престан 14 денови, откако руската армија ја презеде контролата врз Чернобил.
Игор Трајков