Вести Свет

Пентагон го одби предлогот на Полска за префрлување на нејзините авиони „МИГ 29“ во Украина, како посредник се споменуваше и Косово

Пентагон го отфрли предлогот на Полска да ги префрли нејзините борбени авиони МиГ-29 во САД за испорака во Украина, нарекувајќи го неодржлив, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Пентагон е во контакт со полската Влада по ова прашање, но полскиот предлог покажува колку е сложена ситуацијата, се вели во соопштението на Кирби.

– Едноставно не ни е јасно дека постои суштинско образложение за тоа. Ќе продолжиме да се консултираме со Полска и со другите наши сојузници во НАТО за ова прашање и тешките логистички предизвици што тоа ги поставува, но не веруваме дека предлогот на Полска е одржлив, нагласи Кирби.

Полска не е подготвена сама да испорача ловци МиГ-29 на Украина, изјави претходно полскиот премиер Матеуш Моравјецки за новинарите во Осло на прашање за испорака на полски ловци за Украина.

– Мора да се нагласи дека Полска не е страна во оваа војна, а и НАТО не е страна во оваа војна. Затоа одлуките за набавка на офанзивно оружје мора да се носат на највисоко ниво во НАТО. Затоа ние сме подготвени да префрлиме дел од нашите ловци во Рамштајн (американска воздухопловна база во Германија), но не сме подготвени да преземеме независни чекори, рече Моравјецки.

Вчера Полска соопшти дека е подготвена да ги префрли 28-те авиони во американската воена база Рамштајн во Германија, а потоа Вашингтон да реши како ќе ги достави до Украина.

Претставници на САД во првичната реакција рекоа дека се изненадени од соопштението на Варшава.

„Колку што знам, не беше договорено со нас дека планот е нам да ни ги дадат авионите“, изјави американскиот државен подсекретар Викторија Нуланд.

Русија предупреди дека поддршката за Украина со воени авиони ќе биде сметано за учество во конфликтот и подложно на одмазднички чекори.

Полска планирала да ги однесе авионите во базата Рамштајн, каде тие треба да бидат премачкани, а потоа пренесени во земја која не е членка ниту на НАТО, ниту на ЕУ. Иако засега не е дефинитивно договорен таков посредник, како можна опција се споменува Косово, како една од неколкуте земји кои би можеле да ја одиграат улогата, објави агенцијата Асосиејтед прес.

Приштина досега не ја коментираше оваа можност, но премиерот Албин Курти во интервју за Франс Прес во вторникот повика на забрзан прием на неговата земја во ЕУ и НАТО и оцени дека неговата земја е под зголемен ризик од Русија. Косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај минатата недела побара САД да отворат постојана воена база во неговата земја „како гаранција за мирот и безбедноста на Западниот Балкан“.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе