Вести Најважни Свет

17 повредени во разорниот руски напад на детска клиника и родилиште во Мариупол

Нови вознемирувачки настани во Украина, каде руската инвазија добива се поужасна димензија.

Најмалку 17 луѓе се повредени во страотниот руски воздушен напад во близина на детската болница во центарот на Украинскиот град Мариупол, потврдија украински претставници. Ова е само почеток на бруталната ескалација на руската инвазија, предупредија западните земји.

Според информациите од градот кој веќе неколку дена е под опсада на руските сили, силниот потрес од серијата експлозии се почуствувал и на оддалеченост од 1,5 километри.

Иако не е регистриран директен удар во зградите во болничкиот комплекс, каде се сместени детската клиника, одделот за новороденчиња и одделот за терапија, искршени се сите прозорци на објектите и уништена е фасадата. Видлив е и огромен кратер на една од местата каде паднале бомбите.

Целосно уништени се и повеќе автомобили паркирани во рамките на комплексот.

Повеќе полициски екипи и украински војници брзо пристагнале на местото на експлозиите да помогнат во евакуација на повредени, меѓу кои има и бремени жени.

„Тоа беше воздушен напад во близина на болницата за новороденчиња. Во моментов им помагаме на ранети и се подготвуваме за нивна евакуација. Полицијата работи заедно со армијата да им помогне на оние на кои тоа им е најпотребно“ – вели еден украински војник.

 

„Денеска, руските окупатори извршија тешко злосторство. Тие изведоа воздушен напад во центарот на градот Мариупол. Ја уништија со бомбардирање детската болница. Има ранети жени и деца. Ова е воено злостортство без никакво оправдување“ – тврди шефот на полицијата, Володимир Никулин.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на твитер објави видео снимка од страотното уништување и го повтори своето барање до западните лидери и НАТО алијансата да го прогласи небото над Украина за зона на забранети летови.

„Уште колку долго светот ќе биде сојузник кој го игнорира теророт? Затворете го небото веднаш! Запрете со убивањата! Ја имате моќта, но се чини дека ја губите хуманоста.“ – напиша Зеленски на Твитер.

Украинскиот град Мариупол, на Азовското море, веќе неколку дена е под жесток  авионски и артилериски оган на руските сили, кои се обидуваат да ја преземат контролата во него.

Освојувањето на Мариупол би имало исклучително стратешко значење за Русите, затоа што би им овозможило да ги поврзат преку земја териториите под контрола на сепаратистите во Донбас со полуостровот Крим.

Жестокото бомбардирање на Мариуопол го остави овој град со над 430 илјади жители, без електрична енергија, вода, храна и греење и се заканува да предизвика вистинска хуманитарна катастрофа.

Градските власти во Мариупол тврдат дека најмалку 1 170 цивили биле досега убиени во руското бомбардирање.

Се појавија и информации дека властите ископале и масовна гробница за жртвите во бомбардирањето, бидејќи нормалните погреби се невозможни и мртовечниците се пренатрупани со телата на убиените жители на градот.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе