Русија денеска од 8 часот треба да обезбеди хуманитарни коридори за цивилите кои бегаат од Киев и уште четири други украински градови.
Шефот на рускиот одбранбен центар, Михаил Мизинцев, рече, според новинската агенција Тас, дека руските сили ќе го „почитуваат режимот за прекин на огнот“ од 10 часот по московско време за да обезбедат безбедно минување на цивилите кои сакаат да го напуштат Киев, Чернихив, Суми, Харков и Мариупол.
Останува нејасно дали предложените рути ќе минуваат низ Русија и Белорусија, на што украинската влада претходно се спротивстави.
Цивилите во вторникот почнаа да го напуштаат опколениот Суми, во источна Украина, во првиот успешен „хуманитарен коридор“ што се отвори од почетокот на руската инвазија.
Бегалците од Суми се упатија кон запад
Откако Русија го отвори коридорот од Суми, автобусите со бегалци се упатија на запад кон градот Полтава, само неколку часа по рускиот воздушен напад за кој регионалните власти соопштија дека погодил станбена област и уби 21 лице.
Илјадници бегалци пристигнаа од Суми во Полтава во вторникот.
Луѓето се обидуваат да излезат и од Ирпин, предградие на Киев.
Украинците одбија да влезат во Харков
Украинските сили во вторникот го отфрлија обидот на руската армија да влезе во Харков и спречија план на руските сили да слетаат 120 нивни падобранци во близина на границата, изјави украинскиот регионален гувернер Олег Синекубов.
Пет лица загинаа, меѓу кои две деца, доцна во вторникот во напад на руски авион врз градот Малин, северозападно од Киев. Во нападот се уништени седум куќи, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби.
Украина ги обвини руските сили за гранатирање на друга рута за евакуација, онаа од Мариупол, крајбрежен град на југот.
По повеќе од една недела бомбардирање на градот, жителите останаа без струја, греење, храна и вода за пиење, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
„Ситуацијата во Мариупол е апокалиптична“
„Ситуацијата во Мариупол е апокалиптична“, изјави портпаролот на Црвениот крст Јуан Вотсон, цитиран од Ројтерс.
Многу жители на Мариупол во вторникот се обидоа да побегнат преку безбеден коридор, но украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека руските сили го прекршиле примирјето и го гранатирале коридорот.
Русија негира дека нејзините сили биле насочени кон цивили
Во Русија, оваа војна доведе до нови случаи на задушување на протести и затворање на оние кои не се согласуваат со режимот. Последните преостанати независни руски медиуми беа главно затворени минатата недела, а странските медиуми беа забранети.
Кремљ продолжува да ја опишува инвазијата на Украина како „специјална операција“ чија цел е да се разоружа Украина и да се собори владата што Русија ја нарекува „неонацисти“. Украина и нејзините западни сојузници ги нарекуваат наводите неосновани изговори за започнување војна и поттикнување страв од голем конфликт во Европа.
Бројот на бегалци предизвикани од овој најголем напад врз европска земја од Втората светска војна надмина два милиони.