„15 февруари 2022 година ќе влезе во историјата како ден кога пропадна западната воена пропаганда. Тие беа посрамени и уништени без ниту еден истрел“. Ова е пораката која на мрежата Телеграм ја напиша портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, откако Русија најави повлекување на некои војници од границата со Унгарија и нивно враќање во воените бази. Пораката на Захарова е испровоцирана по изјавата минатата недела дадена од неименувани американски официјални лица дека руската инвазија би можела да се случи уште денес. Овој потег ги зголемува надежите за можна деескалација откако рускиот министер за надворешни работи Лавров рече дека дипломатијата „веќе е исцрпена“.
ЕУ во меѓувреме е подготвена да разговара за безбедносните гаранции кои ги бара Москва- на Украина никогаш да не и биде дозволено да се приклучи на НАТО. Германскиот канцелар Шулц седна на маса со Путин на повеќечасовни разговори, а украинскиот претседател Зеленски во обраќањето до нацијата повика на национално единство.
Сакаме мир, а сите прашања сакаме да ги решиме само преку преговори. Ни рекоа дека 16 февруари ќе биде ден на инвазијата. Ќе го направиме ден на национално единство. Соодветниот декрет е потпишан. Ќе ги ставиме националните знамиња, ќе ставиме жолто-сини ленти и ќе го покажеме нашето единство за целиот свет- РЕЌЕ Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Британската министерка за надворешни работи Лис Трус вели дека сака да види целосно повлекување на руските трупи од границата за да поверува дека Москва не планира инвазија. Премиерот Борис Џонсон и претседателот Џо Бајден по телефон се согласија дека останува отворен „прозорецот за дипломатија“ и сè уште е можен договор за да се избегне конфликт.
Прозорецот за дипломатија останува отворен доколку Русија одлучи да се ангажира, но контруктивно. Но ние имаме јасна слика за состојбата на терен и подготвени сме да воведеме сериозни сакнции за Русија во координација со нашите сојузници и партнери во случај на напад на Украина – изјави Карин Жан Пјер, заменичка на портпаролот на Белата куќа.
Дека Путин е „подготвен да преговара“, а кризата во Украина е само дел од безбедносните грижи на Русија, за Си-Ен-Ен рече портпаролот на Крмљ, Дмитриј Песков. Оценката на руското министерство за одбрана е дека воените вежби на границата со Украина биле спроведени според планираното, но некои продолжуваат до 20 февруари.
Русија позиционираше околу 130.000 војници блиску до границата со Украина, вклучително и околу 30.000 војници кои учествуваат во воените вежби во Белорусија. Во Истовреме рускиот парламент денеска ќе гласа дали да побара од Путин да ги признае двата отцепени региони во источна Украина поддржани од Русија како независни, односно самопрогласените Доњецка и Луганска народна република во Донбас, каде што сепаратистичките сили се борат против украинската армија од 2014 година.
Билјана Ставрова