Алфонсин Вилијамс, или Алфи, како што им е познат на пријателите во Украина, не сака да ја напушти земјата, иако два пати бил контактиран од американската амбасада. Алфи живее во Украина речиси 8 години, откако дошол во земјата за време на антивладините протести во 2014 година и ја запознал својата сегашна сопруга Валерија. Тврди дека никогаш не се чувствувал небезбедно во Украина и не сака да го напушти животот кој го создал во Киев.
Значи дали го имам тоа на ум, дали сум свесен дека ситуацијата може да дојде до точка кога ќе морам да заминам? Секако. Дали се имам подготвено за таков случај? Да, морате да го сфатите тоа сериозно, нели? Но, сакате да останете колку што може повеќе, само заради врските и луѓето, вели Алфи.
Американската влада продолжува да тврди дека руската инвазија на Украина само што не започнала. Нејзиниот пример, повлекувањето на комплетниот персонал од амбасадата и објавувањето препорака до сопствените граѓани да ја напуштат земјата ја следеја уште 10-тина земји. Државниот секретар Ентони Блинкен тврди дека степенот на закана е доволно висок, за овие чекори да бидат оправдани.
Ризикот од руски воен напад е доволно висок и заканта е доволно голема за ова да биде разумна одлука. Никој не треба да биде изненаден ако Русија исценира провокација, или инцидент, кој потоа би го искористила за да го оправда воениот напад кој го планира од самиот почеток, тврди Блинкен.
Од ваквите американски изјави, се чини дека најизненадени се тие кои во исто време се и најзасегнати, Украинците. Украинскиот претседател Зеленски тврди дека за разлика од западните земји, тој до сега не видел цврсти докази за неизбежен воен напад, а во моментов единствениот непријател на неговата земја е паниката.
Москва, разбирливо, категорично ги отфрла сите обвинувања дека подготвува инвазија на Украина, а советникот на Путин за надворешна политика, Јури Ушаков, оцени дека објавувањето на наводни точни датуми за почеток на војната, се само показател дека хистеријата на западот го достигнала својот зенит.
Алфи и Валерија, како и повеќето Украинци кои веќе со години живеат под сенката на потенцијален нов конфликт, велат дека за нив ова е новата нормалност.
Игор Трајков