Откако САД се повлекоа од Кабул, најголемите светски медиуми престанаа да известуваат за ситуацијата во Авганистан и сета загриженост за правата на жените и девојчињата се замени со молк, во државата во која се одвива невидена хуманитарна и морална катастрофа.
Доведени до очај заради неможноста да ги прехранат своите семејства во најсиромашниот северо-западен регион на Авганистан, родителите ги продаваат своите малолетни девојчиња во брак.
Во провинцијата Багдис, која неодамна беше зафатена со земјотрес, екстремната сиромаштија и недостатокот од основни производи за живот, ги води луѓето во шокантна и грозоморна одлука, да ги продаваат своите ќерки, за да нивните семејства преживеат и не умрат од глад.
На Абдул Гани му биле ветени 1 500 долари за неговата 5-годишна ќерка Хаџира, но не добил ниту долар откако таа била повредена и ја скршила нога во еден од честите земјотреси во регионот.
“Таа беше продадена пред да биде повредена и потоа ова и се случи. Сега не сака ништо да ми даде а јас имам долг околу 1 050 долари кој морам да го платам” – вели Гани.
Сета загриженост на западните сојузници за правата на жените и девојчињата во Авганистан како да исчезна по повлекувањето на нивните војници и доаѓањето на Талибанците на власт во Авганистан. Милијарди долари меѓународна помош веќе не доаѓаат во земјата.
Веќе ужасно сиромашната земја, по децении војни, суши и поплави, тоа забрзано ја испраќа кон вистинска катастрофа, од невидени размери.
Дури и Талибанците бараат меѓународната заедница да се врати во земјата, ветувајќи дека нема да има никакви безбедносни проблеми.
“Овие луѓе кои доаѓаат во Авганистан да помогнат, откако Исламскиот емират ја презеде власта, ниту еден од нив немал безбедносен проблем” – вели еден талибански командант.
Покрај страотната одлука за продавање на своите ќерки, огромен број Авганистанци ги продаваат и своите органи за трансплантација, како бубрезите, за да ги прехранат семејствата.
Овој месец, Обединетите Нации ја започнаа својата најголема кампања за помош на една земја, порачувајќи дека на уништениот Авганистан, итно му се потребни над 5 милијарди долари.
Според проценките на светската организација, околу 90% од 38-те милиони жители на Авганистан се зависни од хуманитарна помош а над 3 милиони се бегалци во сопствената земја, каде ги напуштиле домовите заради сушата, војната и гладта.
Никола Илиевски