Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој присуствува на самит на ЕПП во Словенија, сподели информација за која вели дека ја добил „од маргините“, а тоа е дека, на инсистирање на една земја членка на ЕУ да се фиксира прецизен датум за интегрирање на земјите од регионот, две земји членки не прифатиле тоа да биде дел од заклучоците на утрешниот Самит во Брдо.
„Очекувам недвосмислена целосна поддршка за интеграција на Западниот Балкан во рамките на ЕУ и јасна европска перспектива за земјите од регионот. Но, она што мене морам да кажам дека ме загрижува е информацијата што ја добив од маргините, а тоа е дека, на инсистирање на една земја членка на ЕУ да се фиксира прецизен датум како краен рок за интегрирање на земјите кои се дел од Западниот Балкан, две земји членки, за жал, не прифатиле тоа да биде дел од заклучоците на утрешниот Самит на ЕУ посветен на Западен Балкан. Со тоа практично се доведува во знак прашалник јасната и недвосмислена европска перспектива на земјите од Западен Балкан“,
истакна Мицкоски од Љубљана, во интервју за вестите на Алфа.
Мицкоски додаде дека тоа не ги прави среќни туку дека разочарува, ако тоа се потврди како вистинита информација, при што, како што вели, тука се поставува прашањето дали Македонија и граѓаните пет години живеат во сон што всушност не ќе може да се оствари.