За 7 проценти пониска цена од лани, или 36,1 евро по мегават час, е цената за електричната енергија која ја понуди ЕСМ на тендерот на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме. Лани кога цената на струјата се покачи за 7,5 проценти, таа изнесуваше 38,8 евра. Наместо задолжителните 70 проценти, ЕСМ понудила да го снабди Универзалниот снабдувач од јули до декември годинава со 100 проценти од потребните количини. Но, што ќе значи ова во сметките на граѓаните, треба да пресече Регулаторна. Таа наредната недела ќе излезе со конечни пресметки, но токму цената која денеска ја понуди ЕСМ има најголемо влијание при нејзиното формирање.
Од ЕВН соопштија дека на тендерот учествувале две компании, ЕСМ и ЕФТ, но понудата на ЕСМ била најповолна.
На денешната аукција за набавка на количини на електрична енергија, ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија доби најповолна понуда од АД ЕСМ со цена од 36,1 евро за мегават-час (MW/h), велат од ЕВН.
Од ЕСМ пак велат дека се потрудиле тие да не предизвикаат покачување на сметките за граѓаните.
И покрај законската обврска кој предвидува можност АД ЕСМ да понуди 70 отсто од потребните количини, компанијата ги понуди целокупните потребни количини струја со цел и понатаму да биде значаен заштитнички фактор при донесувањето на конечната одлука за цената на струја од страна на надлежното тело, велат од ЕСМ.
Инаку Државните електрани имаат најголемо учество во крајната цена на струјата од 43 проценти. Електро дистрибуција учествува со 36 проценти, обновливите извори со 7,3 проценти. А уделот пак на Мепсо кој сега побара 140 проценти повисока цена е најмал и изнесува 3, 5 проценти.
Од Регулатрона не коментираат што значи пониската понудена цена на ЕСМ. Од први јули се намалува и ДДВ – то за струјата од 18 на 5 проценти. А се ова ќе влијае на конечната цена која ќе ја соопшти Регулаторна, а ќе важи од август. Граѓаните пак од лани од август плаќаат за 7,5 проценти повисоки сметки за струја. Но и покрај тоа, државните енергетски компании книжат загуби. ЕСМ е најголемиот загубар од сите државни фирми, со минус од 16,8 милиони евра лани, а Мепсо пак прикажал загуба од 5,8 милиони евра.
Александра Филиповска