Поштенска банка, Моќник, Титаник 2 и Друмарина се дел од предметите кои се судат во Кривичниот суд а обвиненијата ги застапуваат некои од обвинителите кои денеска добија унапредување. Државниот обвинителот Љубомир Јовески за Телма вели дека во наредниот период ќе донесе одлука дали истите обвинители ќе продлжат да ги водат истрагите и обвиненијата и од новите работни места.
-Кој ќе ги застапува предметите обвинителството ќе се раководи од тоа да не се одлагаат рочиштата и да се постапува ефикасно. Тоа значи дека нема законска прчека истите обвинители да продлжат да постпауваат по предметите и по изборот во други обвинителства. Во голем дел од предметите има по двајца обвинители и ќе се порцени дали има потреба и натаму да продолжат со двајца обвинители или само еден, изјави Јовески.
Обвинителите Фатиме Фетаи, Бурим Рустеми, Сашо Рајчев, Снежана Бундалевска и Наум Пановски денеска беа избрани во Вишото обвинителство во Скопје, кое застапува предмети по жалба пред Апелација. Активни во судниците во Кривичен ќе останат петмината обвинители кои беа избрани за обвинителството за организиран криминал меѓу кои Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов.
За разлика од Ајро и Пеливанов кои добија унапредување во организиран криминал, обвинителката Ленче Ристоска која со нив во судница го бранеше обвинението за предметот за масовното прислушување Таргет -Тврдина, не беше избрана во Вишото обвинителство, каде конкурирала. За гласаа 4 ца а против беа 7 членови на Советот на јавни обвинители. Во изјава за 360 степени Ристоска вели дека е разочарана.
„Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука“ изјави Ристоска
Од поранешните соработници на Катица Јанева, на огласите се пријавиле и обвинителите Елизабета Јосифовска и Љубомир Лапе но нив Советот не ги избра.