Харвард ја чека 18 годишната Мила Ивановска, матурантка од Битола. Таа е единствената Македонка примена годинава на додипломски студии на еден од најпрестижните универзитети во САД. Влезе во досега незапаметена конкуренција, а нејзиното студирање е целосно финансиски покриено од Универизтетот, па дури и авионската карта со која Мила во август ќе отпатува за Америка
Јас искрено не мислев дека ќе влезам, оти годинава историски гледано на Универзитетот пристигнаа најмногу апликации – 58 илјади од цел свет, а примени се 1.800 студенти. А и среќа сум имала, да и постигнувањата, но и многу среќа, 7 на лото, вели Мила.
Мила Ивановска е една од најнаградуваните средношколци во Битола и исклучителен талент во многу области. Вљубена е во математиката, физиката и останатите природни науки. Одлично зборува англиски и француски јазик. Но, го сака и спортот- скија, игра кошарка, плива, планинари, а истата љубов ја негува и кон музиката и свири на тапани. Нејзините многубројни успеси, како и уникатноста и сестраноста се клучот за влез на Харвард.
Не само натпреварите, иако многу им се важни, но и сите активности надвор од училиштето, целокпуната слика што ја создаваме за себе. Едноставно сакаат да видат дека сме специфични по нешто и се издвојуваме во средината, мислам дека е многу битно, вели Мила.
Мила сака да студира физика, но, конечно ќе се определи после првата година од студиите. Вели Харвард нуди квалитетно образование и неограничени можности за вработување. Не размислува да се врати во Македонија, но можеби некогаш ќе дојде поблиску до дома, низ евроспките истражувачки центри
Во Македонија е проблем што ако завршиш физка многу е голема веројатноста дека ќе најдеш работа како професор, а мене лично повеќе би ме исполнила научно истражувачката работа, вели Мила.
Мила аплицираше на 24 универзитети низ светот. Примена е на вкупно 9 – 3 во Велика Британија, 4 во Франција, меѓу кои и Сорбона, како и 2 во САД. Го избрала Харвард без двоумење.
Емилија Мисирлиевска