Преку Софија до Скопје – в понеделник попладне 10 илјади вакцини на „Фајзер“ ќе бидат донесени и веднаш наместени во фрижидерите. Ќе се аплицираат тековно, за да не се изгуби темпото на имунизација и да продолжи процесот.
Дотогаш, вакцинацијата се спроведува со преостанатите 14 илјади вакцини во земјава – од нив 10 илјади се од АстраЗенека, 3 илјади Спутник и илјада од кинески „Синофарм“.
Министерот за здравство остана на ставот дека нарачаните вакцини ќе ја завршат работата кај нас – но, за евентуални идни набавки се бараат стратешки партнери.
„Во делот на вакцинацијата – процесот добро се одвива, отприлика околу 13 илјади граѓани се вакцинирани со вакцината на АстраЗенека. Останатите се веќе распределени по институциите и пунктовите ширум државата и тоа продолжува со истата динамика на нешто повеќе зголемена фреквенција на закажување во текот на оваа недела. Гледаме како се одвива работата со пандемијата и затоа сметам дека најлогично решение е Институтот Торлак да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата“ изјави министерот за здравство, д-р. Венко Филипче.
Во моментов, официјалните бројки со коишто располагаат здравствените власти велат 35 илјади вакцинирани лица во земјава. Голем дел од нив извесно време по примената вакцина се упатуваат на проверка за антитела.
Затоа во јавноста се крена и голема прашина околу дописот на Фондот за здравствено осигурување до Институтот за имунобиологија дека повеќе нема да се работат тестови за концентрацја на антитела на товар на ФЗОМ.
Министерот за здравство појасни дека на товар на Фондот ќе бидат само тестовите кои ќе се прават по индикација од страна на доктор.
„Ќе има категорија на граѓани кај коишто има индикација да се прават тие испитувања и се договоривме да се врати одлуката повторно да се прават испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но ќе дадеме соодветни критериуми, да не биде дека секој, било кој може да го направи тоа испитување заради тоа што финансискиот товар е премногу голем. Значи, согласно тоа дали луѓето прележале или не прележале или пак треба индикација за вакцина во одреден период ќе дадеме критериуми, така што граѓаните ќе можат да ги прават овие испитувања на товар на Фондот“ изјави министерот д-р. Филипче.
Во однос на болничките капацитети, информациите се дека состојбата е се уште тешка и дека се справуваме со бранот на зараза, но дека нема неконтролиран наплив на нови пациенти во болниците.
Во овој момент во тек е имунизацијата на лицата на 73 и 74 годишна возраст согласно Националниот план за вакцинација на населението.
Пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги нема тие вообичаени гужви како претходните денови, бидејќи заврши вакцинацијата на лицата од т.н. критична инфраструктура, а сега закажаните се според редуциран распоред односно поголемо временско растојание.
Петар Догов