Новата дигитална услуга за упис на првачињата за претстојната учебна година ќе стартува во мај. Царовска ги повика родителите да ја искористат можноста за дигитално запишување со што би се избегнале гужвите во основните училишта.
Поради тоа што и целата реформа која треба да го обележи овој мој мандат е реформа во основното образование. Новиот концепт е донесен, новите програми за прво одделение се донесени, објавени се конкурси за пишување нови материјали за учење и на ниво на квалитет кои го имаат развиените земји. И на ова комплементарна е услугата онлајн запишување на учениците од прво одделение, изјави Царовска.
Во интензивна соработка со Министерството за информатичко општество е и подготовката на Е дневник за основното и средно образование кој родителите би го добивале на своите мобилни телефони.
Сметаме дека оние извештаи од Е дневник кои што се достапни преку пристап од страна на родителите, ако влезат и се логираат да имаат можност да ги добиваат на веб, на апликација на самиот телефон како сумирани извештаи еднаш неделно од страна на училиштето.
Во претстојниот период ќе се работи на истата можност за дигитално запишување во средното образование, ќе се дигитализираат и сите услуги поврзани со конкурсите за наука, беше истакнато на конференцијата за дигитализација на услугите во областа на образованието.
Во меѓувреме заврши вакцинирањето на наставниците од прво до трето одделние, согласно насоките за приоритетна имунизација, сепак МОН не одговори на нашето прашање колку вкупно наставници се вакцинирале. Во координација со Министерството за здравство продолжува процесот на вакцинација за следните групи, стои во дописот на Министерството за образование и наука.
Нина Стефанова