Во обид да ја спаси новата турстичка сеозна, Европа е во трка за вакцините против корона вирусот. Откако ЕК целосно потфрли со програмата за набавка на вакцините, дел од земјите членки одлучија да ја преземат работата во свои раце. Спас се бара во ковид сертификатот. Грција веќе направи договор да ги дочека туристите од Израел, ако имаат пасош дека се вакцинирани. А Кипар ќе ги дочекува британските туристи од 1 мај, доколку имаат примено две дози од која било вакцина одобрена од ЕМА. Но, ЕУ се уште не може да донесе политичка одлука дали и официјално да ги воведе овие сертификати. Се стои на ставот дека овој документ би бил дискриминирачки, што би ги поткопало основните европски вредности. Медитеранските држави инсистираат да се воведе, за слободно движење низ унијата, а со тоа и богатите Европејци да уживаат на плажите.
Мислам дека идеално би било овој „зелен документ“ да не е национален, туку заеднички сертификат низ цела ЕУ. Треба да е заеднички препознатлив, исто како што успеавме да воведеме и брзо тестирање, изјави португалскиот премиер Антонио Коста.
Додека се чека на одлука, Шпанија која е очајнда да го врати туризмот соопшти дека ќе ги прими сите без оглед дали се вакцинирани.
Фијаското со доставата на вакцини низ ЕУ тешко дека ќе го заживее и ова лето. Дополнително што луѓето и не се многу расположени за вакцинација.
Според новинската агенција Политико, до крајот на неделава во Белгија се вакцинирани само 4,96%, а петипол проценти од Германците примиле најмалку една доза. Ако се одвива со ова темпо, Белгија нема да вакцинира 70% од својата популација до јули 2023-та, а Германија до септември 2022. Недостатокот од вакцини го отвора просторот вирусот да зема замав и да мутира, па на три месеци пред летото, се уште се тапка во место.
Има многу примери низ Европа за драматичен трет бран. А ризикот, да не се залажуваме, постои и за нас, и мора секогаш да сме свесни за тоа. Како и да е, можам да кажам дека – пролетта 2021 ќе биде поинаква од пролетта пред една година, смета германската канцеларка Меркел.
Помалку од 10% од ЕУ популацијата е вакцинирана досега, наспроти 31% Британци и 52% Израелци. Ова сугерира дека Европејците со ладно пиво и сладолед на плажа ќе можат да се надеваат наредната или годината по неа. Ако сака да го спаси ова лето, ЕУ ќе треба побрзо да носи одлуки, бидејќи времето е веќе кратко.
Алиса Шутиноска