Британскиот сој на корона вирусот е присутен во 26 земји членки на ЕУ, јужноафриканскиот вид е присутен во 14, а бразилскиот во седум. Ситуацијата е сериозна во цела Европа, и не чека долга и напорна година да се детектираат новите соеви на ковид 19, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, по состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ.
Преку видеоврска лидерите расправаа за текот на вакцинацијата во земјите членки, но и за тоа дали да се воведат сертификатите за вакцинација, или т.н. ковид пасоши. ЕУ поделена околу сертификатот за вакцинација. Австрија, Грција и Шпанија, бараат брзо усвојување на ЕУ-сертификат за оние кои веќе се вакцинирале, за да можат слободно да патуваат. Германија и Франција се претпазливи, поради нецелосните податоци за инфекцијата. Но сепак по денешниот состанок канцеларката Меркел изјави дека сите се согласни дека сертификатите се потребни. Претседателката на ЕК, фон дер Лајен објасни дека секоја земја членка ќе треба да ги имплементира во својот здравствен систем и на граничните контроли.
Фон Дер Лајен изјави дека ќе бидат потребни најмалку три месеци да се воспостави интероперабилен систем на сертификати за вакцинација во ЕУ.
– Системот ќе поддржува информации за вакцинација на лице, негативен ПЦР тест или имунитет. Потребна ни е брза имплементација доколку сакаме овие сертификати да бидат функционални пред летото, заклучи Вон Дер Лајен.