Најважни Свет

Трамп влезе во историјата како прв американски претседател кому два пати му бил изгласан импичмент

Доналд Трамп повторно е дел од историски настан, но овој пат како првиот американски претседател кому два пати му бил изгласан импичмент.

Претставничкиот дом на Конгресот денеска со 231 гласови “за” и 197 “против” изгласа импичмент на Трамп по единствената точка од предлогот за негово отповикување: ”поттикнување на бунт”, по минатонеделните безредија, кога толпа од неговите најверни подржувачи насилно влезе во Конгресот и се судри со полицијата.

За импичмент на Трамп гласаа и 10 пратеници од редовите на Републиканската партија, што е важна промена во однос на првиот импичмент на претседателот, кога ниту еден Републиканец не го подржа отповикувањето на шефот на државата.

Процедурата за импичмент сега се сели во горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, каде за да биде успешна потребно е да биде поддржана од 2/3-тини од Сенаторите, што значи дека најмалку 17 Републиканци треба да ја поддржат.

Лидерот на Републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, испрати информација до медиумите дека заради фактот дека дури и Сенатот да заседава оваа недела, конечната пресуда не може да биде донесена пред Трамп да ја напушти функцијата на 20-ти јануари, во овој момент најдобро е наредните 7 дена да бидат посветени на безбедната инаугурација и уредниот трансфер на власта на новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден.

Претходно, американските медиуми пренесоа дека МекКонел се уште не донел конечна одлука како тој ќе гласа на судењето за импичмент на Трамп, велејќи дека негова намера е да ги ислуша сите аргументи кои ќе бидат изнесени.

Доколку и Сенатот го потврди импичментот на Трамп, тоа се уште не е доволно да му биде забрането да врши јавна функција во иднината.

Но, ако судењето во Сенатот заврши со потврда на импичментот, Сенаторите потоа може да одржат дополнително гласање со кое експлицитно ќе му забранат да се номинира повторно за претседател на државата.

Таквата одлука може да биде усвоена со просто мнозинство гласови.

Се очекува и Трамп да и се обрати на нацијата по одлуката на претставничкиот дом. Според информациите, Белата Куќа се уште бара најдобар начин како да ја објави видео пораката, земајќи предвид дека профилите на американскиот претседател беа забранети на Твитер, Ју Тјуб и Фејсбук по минатонеделните безредија во Вашингтон.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Индија ликвидирала над 100 екстремисти во напади на пакистанскиот дел од Кашмир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе