По синоќешното невреме жителите на општините Дебар, Маврово- Ростуше и Центар Жупа по 16 часовен прекин во раните утрински часови добија електрична енергија, но проблемот со заматената вода за пиење во Дебар и Центар Жупа и понатаму останува. Причина е заматувањето на водата во изворот во село Росоки, велат надлежните институции.
Подготвени сме и сега ги чекаме резултатите од анализите што Институтот за јавно здравје ги има земено во врска со тоа дали водата е за пиење или не е за пиење. Сепак граѓаните мора да ги почитуваат мерките да чекаат водата да се филтрира и да се преврива, изјави Омер Цами, претставник на ЈКП „Стандард“
Со заматена вода за пиење се соочија и Гостиварчани по обилните врнежи. Водата од гостиварскиот водоводен систем е загадена и не смее да се користи за пиење. Забраната за користење ќе трае до наредното известување, се вели во дописот на Комуналното претпријатие Гостивар.
Врнежите и покачувањата на водостоите се очекувани во овој дел на годината. Загрижува фактот што на одредени места има отпадни материјали и тие ги предизвикуваат локалните вештачки излевања, велат од УХМР.
Дождовите ќе продолжат и следниве денови. До крајот на неделата се очекува пад на температурата и дождот да премине во врнежи на снег.
Потоа поради продор на многу студена воздушна маса од среда особено во попладневните часови како и во четврток ќе има повторно локални врнежи меѓутоа тие речиси на секаде ќе преминуваат во снег. Повеќе врнежи сепак се очекуваат на западот во земјава. Во петок за време на викендот ќе биде многу студено. Во поголем дел од земјава ќе биде суво, но температурата преку целиот период речиси на секаде ќе се задржи под нулата, велат од УХМР.
Сепак за хидролозите добро е што врнежите ќе ги надополнат природните резерви со вода и големата сушна разлика на која што сведочевме во изминативе месеци.
Нина Стефанова