Најважни Свет

Четири лица загинаа при упадот на подржувачите на Трамп во американскиот Конгрес

Четири лица го загубија животот во синоќешниот упад во американскиот Конгрес на подржувачите на Трамп. Демонстрантите, меѓу кои имаше луѓе во маскирни одела и тактичка опрема, членови на Кју Анон во крзна со рогови на главите, и луѓе од глава до петици покриени со промотивниот материјал на Трамп од изборите во ноември и конфедеративни знамиња од граѓанската војна, од митингот кој се одржуваше на само 3 километри од Капитол Хил, маршираа до седиштето на американскиот Конгрес и ја нападнаа и совладаа конгресната полиција која го обезбедуваше законодавниот дом. Толпата се втурна во зградата преку искршените прозорци и за неколку минути веќе беше во познатата ротонда, веднаш под фамозната купола на Капитол Хил.

Тие работат за нас! Не можат да ја украдат од нас. Не можат да не убедуваат дека не го видовме тоа што се случи! изјави еден од демонстрантите кои упаднаа во Конгресот.

Два месеци по поразот на претседателските избори американскиот претседател во заминување не престана со обвинувањата дека изборната победа му била украдена. Се обиде да го промени резултатот преку повторно пребројување на гласовите, се обиде со тужби да ги поништи резултатите во сојузните држави кои ги сметаше за спорни, но се тоа заврши неуспешно. На крајот му остана единствената опција, преку масовни митинзи и протести да докаже дека имал доволно подршка за да ги добие изборите, доколку демократите не спровеле изборна измама.

Владата ни го направи ова нас. Ние бевме нормални, добри граѓани кои го почитуваат законот и вие ни го направивте ова. Си ја сакаме државата назад! Протестираме за нашата слобода сега. Тоа е разликата, изјави еден демонстрант,

Се чини дека никој во Капитол Хил не очекувал дека вакво нешто може да се случи. Сите веруваа во американската демократска традиција на мирно примопредавање на моќта и поради тоа одговорот на полицијата пристигна неколку часови откако толпата дивееше низ Конгресот. Полицијата побара засилувања од сите околни окрузи а потпретседателот Мајк Пенс ја активираше Националната гарда, откако претходно Трамп ја поттикна толпата да го нападне Капитол Хил.

Ќе се обидеме на нашите републиканци, оние слабите, бидејќи на силните не им е потребна нашата помош, ќе се обидеме да им ја дадеме потребната гордост и храброст, за да си ја вратиме нашата држава, им порача Трамп на митингот.

Речиси 4 часови и беа потребни на полицијата да ја врати контролата врз зградата, со помош на Националната гарда и полицискиот час кој градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Баузер, го воведе и прогласи 15 дневна вонредна состојба во градот. Членовите на Конгресот беа навреме евакуирани и веднаш по ставањето под контрола на ситуацијата се вратија за да го завршат формалниот процес на потврдување на победата на Џо Бајден.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Индија ликвидирала над 100 екстремисти во напади на пакистанскиот дел од Кашмир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе