Македонија

Конгресот го потврди Бајден за победник на изборите, Њујорк Тајмс побара смена и обвинение за Трамп

Конгресот ја потврди победата на Џо Бајден со освоени 306 од 538 електорски гласови на ноемвриските претседателски избори во САД, со што им стави крај на двомесечните обиди на актуелниот американски претседател Доналд Трамп да ги оспори изборите како украдени и нелегитимни, а што вчера резултираше со упад на неговите поддржувачи во американскиот Капитол и четворица мртви. По одлуката на Конгресот, Трамп преку твит на портпаролот на Белата куќа, Дан Скавиано, соопшти дека ќе ги почитува резултатите од изборите, но со порака дека борбата продолжува.

„Иако целосно не се согласувам со исходот од изборите и фактите ме поддржуваат, сепак ќе има уредна транзиција на 20 јанури. Од секогаш сум велел дека ќе ја продолжиме нашата борба за да се обезбеди само броење на легални гласови. Иако ова претставува крај на најголемиот прв мандат во претседателската историја, тоа е само почеток на нашата борба да ја направиме Америка повторно голема!

Инаку Трамп мораше да користи туѓи твитер профили за да ги испраќа своите пораки, откако синоќа Твитер и Фејсбук времено му ги блокираа профилите од кои тој ѝ испраќаше пораки на толпата која упадна во Капитолот, а за кои и двете социјали мрежи соопштија дека е направена тешка повреда на нивните правила.

Објавата на Трамп беше испратена само неколку минути откако победата на Бајден беше потврдена во четири часот утрото на заедничката сесија на двата дома на Конгресот претседавана од потпретседателот на САД, Мајк Пенс, по неколкучасовниот прекин поради упадот.

Пенс на потврдувањето на гласовите испрати и порака по синоќешните случувања:

„До оние кои упаднаа во нашиот Капитол денеска: Не победивте. Насилството никогаш не победува.“

Упадот во Конгресот вчера премисли и неколку републикански сенатори кои планираа да ја оспорат победата на Бајден, да не го направат тоа, меѓу кои беа републикански сенатори од Монтана, од Индијана и од Џорџија.

„Кога пристигнав утрово во Вашингтон имав намера да вложам приговор на потврдувањето на електоралните гласов, но настаните кои се случија денеска ме принудија да размислам и сега не можам со мирна совест да се спротивставам на потврдувањето на овие гласови“, изјави поразената сенаторка од Џорџија Кели Лофлер.

Републиканскиот сенаторот, Мич Мекконел, од Кентаки и лидер на мнозинството порача дека неуспешното востание, како што го нартече упадот, ја потврдил целта на Конгресот и дека не успеле да ја нарушат американската демократија.

Светските лидери синоќешниот упад на поддржувачите на Трамп во Капитол го оценија како напад врз американската демократија. Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека снимките од Вашингтон истовремено ја разлутиле и ја натажиле изразувајќи жалење што Трамп не го признал поразот во ноември, ниту пак вчера. За Меркел потврдата на победата на Бајден, за две недели ќе отвори ново поглавје во американската демократија.

Британскиот премиер, Борис Џонсон, упадот го нарече „срамни сцени во Капитол“ изразувајќи надеж за мирен трансфер на власта во САД. За канадскиот претседател, Џастин Трудо, сцените во Капитол се „напад на демократијата“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на твитер напиша оти верува во силата на американските институции и демократија и оти мирниот трансфер на власта е основата на тоа.

„Џо Бајден победи на изборите. Со нетрпение очекувам да соработувам со него како иден претседател на САД“, напиша Фон дер Лајен.

Американските медиуми пак во своите анализи и кементари на синоќешните случувања во Капитол бараат одговорност и за сторителите и за оние кои го предизвикаа тоа, посочувајќи ги притоа како дирекни поттикнувачи, освен претседателот Трамп, и неговиот син и неговиот адвокатот, Руди Џулијани, како и неколку републикански сенатори и конгресмени.

„Њујорк Тајмс“ пак во колумна со наслов: „Отповикување и осуда. Веднаш.“, наведува дека Трамп е премногу опасен за да биде оставен уште макар и една минута на функција.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Муцунски: Македонија ја подржува иницијативата за формирање на воен суд во Украина

Дејан Дејан

Да не му тропнат истражители на врата на Али Ахмети, со Таравари ќе пие кафе за разделба, Мицкоски со пораки за двајцата партиски лидери од спротивната страна на власта

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе