Поради пандемијата со Ковид- 19, во Соборниот храм изостана вообичаениот метеж од луѓе, својствен за чествувањето на Христовото раѓање- Божик, како низ годините наназад. Но, бројката на присутни верници не беше мала.
Верниците кои утворо дојдоа на златоустовата литургија, по повод празникот Божик, која ја предводеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, велат дека вербата со Исус Христос кај нив е голема и дека таа ќе ги штити од пандемијата. Па не се плашеле да присуствуваат на овој чин.
Сепак, поради здравствената криза, главна божикна желба на верниците е здравјето.
А, внатре на литургијата, дел од верниците со маски, дел без заштита. Свештените лица на почетокот со маски, а потоа и тие ги симнаа и пиеја од ист пехар. Дистанца се одржуваше до крајот на литургијата. Но, при причеста растојанието меѓу верниците се изгуби, а се употребуваше иста лажичка за повеќемина. И при делење на нафората, верниците бакнуваа ист крс. Од МПЦ со одговор дека причеста е лек, а не причина за болест.
Светата причест е самиот Господ го примаме. Зашто Господ рекол кој не јаде од моето тело и не пие од мојата крв нема да има живот вечен. Господ не пренесува болеси, Господ лекува. Со причесната ние 2000 и нешто години сме се лекувале, така што нема… На крај на краиштата, јас ја употребувам. Значи ако треба некој според теоријата да се зарази, ќе бидам јас првиот, рече Отецот Сашо.
А, во божикната порака до верниците од поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, што ја прочита отец Сашо, се повикува на крај на страдањата од корона вирусот годинава и се изразува благодарност за саможртвата што ја покажаа здравствените работници. Но, според поглаварот најголема пандемија денес е одроденоста меѓу луѓето.
Најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да го љубат бога и да ги љубат ближните. А, покајанието и поправањето е најдобриот лек против сите болести на телото и на душата, порача отецот Сашо.
Поглаварот не ја спомена директно Бугарија и негирањето на нашиот јазик и идентитет, но рече дека и во 21 век продолжува оспорувањето на правото за национално самоопределување и дека не треба да отстапиме од своето зашто историјата сведочи дека сѐ што се потпира врз сила и невистина, му доаѓа крајот. Во пораката беше посочена и важноста од образувањето на младите со морални и воспитни вредности дома и на училиште и потребата да не се дозволи повторна обнова на системот на богоборно едноумие.
Сотир Трајков