Ова е приемното одделение во затворот Идризово каде се сместени 18 позитивни на корона вирус. Затворениците испратија видео до Телма со кое сакаат да алармираат дека се сместени во многу лоши услови за кои велат дека се нечовечки. Сите се на куп и не веруваат дека се заболени бидејки велат дека немаат никакви симптоми.
Испратија и дел од тестовите кои им биле дадени со позитивен резултат, но на нив нема никаков потпис и печат од која установа се, па токму поради ова се зголемиле нивните сомнежи. Велат дека состојбата во затворот до пред некое време била под контрола, но сега веќе не.
Дел од вработените ни се потсмеваат и ни велат дека сме коронаши и покарај тоа што никој од нас не е заболен. Напротив дел од вработените се позитивни. Во одделението во кое сме сместени е одвратно, а ни скратија и дел од храната. Со ова се запознаени и нашите роднини и ако треба ќе протестираат поради ваквиот нехуман однос.
Според управата за извршување санкции надлежна за затворите во моментов позитивни на ковид 19 се 18 затвореници што е за четирица повеќе од пред неколку денови. Во изолација се повеќе од 70. Од таму велат дека до сега затворите се справувале добро со корона ситуацијата и дека затворот Идризово е единствениот каде вирусот се проширил на поголем дел од затворените.
Но токму тој е и најголемиот во земјава, а според информациите на Телма – заразата доаѓа од вработени бидејќи затворениците од 18 -ти ноември немаат ниту викенд, ниту посети.
Тестовите биле направени од вработени во поликлиниката Бит Пазар и велат се релевантни. За условите во кои се изолирани затворениците се свесни но дека за сега тоа е единственото решение за да се спречи епидемијата зад затворските ѕидини. Утре ќе се одржи состанок заедно со претсааници на Јавното обвинителство и Врховниот суд на кој ќе се бара законско решение за да се намали бројот на затвореници кои отслужуваат затворска казна во установите.
Еден од начините да се дојде до ова беше пробацискиот систем со кој со алки ќе се контролира движењето на осудените за полесни дела кои ќе ја отслужуваат казната надвор од затворите. Сепак од санкции велат дека секој управител на затвор е должен во меѓувреме да се снајде во оваа ситуација.
Билјана Николовска